Општина Кисела Вода со историски најдобар финансиски старт на годината

19

Општина Кисела Вода продолжува со континуираниот раст и развој во изминатите три години во секој аспект од работата. Ова најдобро го потврдува и финансискиот отчет за првиот квартал од 2025 година, кој покажува реализација на приходи од 322.841.406 денари, што претставува зголемување за 8,06% во однос на истиот период од 2024 година, која пак, беше претходно најдобра година во историјата на Општина Кисела Вода.

Општина Кисела Вода информира дека годините кога претходната власт раководела со општината биле драстично послаби во однос на првиот квартал од 2025 година.

-Колку за споредба, во 2021 година како последна година од мандатот на претходникот од СДСМ, имаше за 58,84% пониска реализација на вкупните приходи – велат од Општина Кисела Вода.

Оттаму додаваат дека во делот на приходите на основниот буџет се бележи раст од 11,2% во споредба со првиот квартал од 2024 година, што било историски најдобрата година и најдобриот прв квартал од постоењето на Општина Кисела Вода или во бруто износ, во 2024 година во првиот квартал приходите изнесувале 159.077.089 денари, а во првиот квартал од 2025 година изнесуваат 176.894.588 денари.

– Споредено со претходната власт во општина Кисела Вода, во 2025 година има повеќе од двојно повисока реализација на приходите во Основниот Буџет. Приходите на општина Кисела Вода се повеќе од 2 пати зголемени во последните 2 години, а финансиската стабилност и ликвидност е подобрена за речиси 7 пати споредбено со 2021 година. Финансиските средства на сметките на општина Кисела Вода во 2025 година исто како и во 2024 година продолжуваат да бидат далеку повисоки од вкупните обврски на општината што не беше замисливо во минатото.Посбено е значаен е делот во однос на капитални проекти, каде во првиот квартал од 2025 година, општината реализираше капитални проекти во вредност од 76.850.753 денари, што е три пати повеќе од 2020 и 2021 година, и дури 13,73 пати повеќе во споредба со првиот квартал од 2019 година – наведуваат од Општина Кисела Вода.

Како илустрација, оттаму велат дека во сите први квартали за време на четиригодишното владеење на претходниот градоначалник, биле реализирани капитални инвестиции во вредност од 71.576.234 денари – што е помалку од реализацијата во првите три месеци на 2025 година.

– Финансискиот извештај за првиот квартал од 2025 година уште еднаш потврдува дека Општина Кисела Вода е на вистинскиот пат – пат на одговорно, транспарентно и чесно управување во интерес на граѓаните. Реализиравме приходи во износ од 322.841.406 денари, што е за 8,06% повеќе во споредба со истиот период лани, а и тогаш ја бележевме најдобрата година во историјата на општината. Овој континуиран напредок е резултат на интензивна и посветена работа, но и на постојана комуникација со нашите граѓани. Проектите што ги реализираме се водени од нивните потреби и предлози. Токму нивните идеи се основа за развојните планови што ги спроведуваме секојдневно. Нашата визија е Кисела Вода да биде општина каде секој глас се слуша и секоја добра иницијатива наоѓа поддршка – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека е особено горд што веќе во првите три месеци од годината се реализирани капитални проекти во вредност од над 76 милиони денари – сума што ја надминува четиригодишната капитална реализација на претходното раководство.

ИЗДВОЕНИ