Во пресрет на големиот христијански празник Божик, Општина Кисела Вода се приклучува кон традиционалната манифестација „Бадникови поворки“, која ќе се одржи на 6 јануари.
– Настанот има цел запознавање на граѓаните, особено на најмладите жители, со обичаите и со традициите поврзани со Бадник, како и нивно активно вклучување во празничната атмосфера преку низа активности. Во рамките на манифестацијата ќе бидат организирани креативни работилници, меѓу кои и изработка на божикни ѕвезди, како и други содржини наменети за децата и за нивните семејства – соопштија од Општина Кисела Вода.
Оттаму известуваат дека пријавувањето за учество на децата од Општина Кисела Вода ќе почне наскоро, а за начинот и за роковите за пријавување јавноста ќе биде дополнително и навремено информирана преку официјалните канали на локалната самоуправа.
Со приклучувањето кон „Бадниковите поворки“, Општина Кисела Вода ѝ дава поддршка на манифестацијата, која години наназад се организира во бројни општини во државата, со цел негување на традицијата и на празничниот дух, создавајќи радосни моменти за најмладите и за нивните семејства.












