Ќе се истражува потенцијалот на културното наследство на општина Кисела Вода, како најстара скопска општина, со посебен акцент на историските, археолошките и културните вредности на овој простор.
На средбата на градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, со Никола Веселинов, историчар и архивист од Конзерваторскиот центар – Скопје, Радомир Ивановиќ, археолог од Археолошкиот музеј, како и со пратеничката и етномузиколог, Велика Стојкова-Серафимовска, било договорено да се започне со систематско собирање и со обработка на податоци за археолошки наоѓалишта, историски локации, објекти од културно значење и локални традиции на територијата на Општина Кисела Вода.
Овие информации ќе бидат основа за изработка на културно-историско-археолошка карта на Општина Кисела Вода, која ќе претставува сеопфатен преглед на културното богатство на општината.
Добиените податоци ќе бидат дигитализирани и објавени на официјалната веб-страница на Општината, со што ќе станат лесно достапни за граѓаните, учениците, истражувачите, но и за посетителите, со цел унапредување на локалниот културен туризам и подигнување на јавната свест за значењето на наследството.
– Со поддршка на врвни стручњаци од областа на историјата, археологијата и етномузикологијата, започнуваме процес кој ќе овозможи нашето наследство да биде истражено, документирано и достапно за јавноста. Нашата цел е да создадеме современа дигитална платформа која ќе ја приближи историјата до граѓаните и ќе ја позиционира Кисела Вода како значајна културна точка на мапата на Скопје – изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.












