Со владината Одлука за престанок за трајно користење на недвижна ствар на Министерството за спорт на Oпштина Карпош му е одземена реконструираната сала „Партизан“. Од Министерството за спорт велат дека овој спортски објект е во сопственост на државата и треба да биде достапна за сите граѓани.
Советниците на Општина Карпош се спротивставиле на оваа одлука, а градоначалникот Стевче Јакимовски рече дека Владата ја донела оваа Одлука без никакво образложение и оти од 2019 во Агенцијата за катастар на недвижности, спортската сала „Партизан“ е впишана дека ѝ е дадена на трајно користење на Општина Карпош.
Од Општина Карпош соопштија дека оттаму веќе потрошиле 4 милиони денари за одржување на овој култен спортски објект и дека одредени делови од спортската сала се дадени на користење, со и без паричен надомест.
– Советот на Општина Карпош особено се противи на начинот на донесување на предметната Одлука и ја оценува како штетна, донесена без консултација и без претходно побарано мислење од Општината. Во таа насока, Советот ги задолжува стручните служби на локалната самоуправа и градоначалникот Јакимовски, да поведат понатамошна постапка пред надлежните органи, информираат од Oпштината.
Од Министерството за спорт сметаат дека спортската сала „Наум Наумовски Борче“ и покрај тоа што се наоѓа во Oпштина Карпош таа е во сопственост на државата и треба да биде достапна за сите граѓани.
– Во врска со изјавите и обвинувањата упатени од страна на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ја информираме јавноста дека спортската сала е во сопственост на државата и како таква ќе биде санирана, безбедна, опремена, функционална и повторно достапна за сите граѓани – токму така како што заслужуваат, информираат од Mинистерството.
Спортската сала „Партизан” во Општина Карпош е целосно реконструирана и официјално отворена од последните денови на 2023. Дотогаш речиси 20 години претставуваше руина во овој дел од главниот град. Салата во 2005 година од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали беше дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и наликуваше дека во секој момент може да се урне.