вторник, февруари 24, 2026
Дома СКОПСКА Општина Карпош ќе набавува машина за чистење отпад и депонии

Општина Карпош ќе набавува машина за чистење отпад и депонии

25

Општина Карпош ќе набавува машина за чистење отпад и депонии. На денешната седница на Советот, советниците дадоа поддршка за предлог-одлуката за кофинансирање на проектот, кој го објави Министерството за локална самоуправа, насловен „Набавка на телескопски натоварувач со променливи корпи“.

– Станува збор за машина што ќе ја користат службите од Општина Карпош задолжени за одржување на јавната хигиена на нејзина територија. Таа ќе служи за расчистување на различен вид отпад, гранки, лисја, но, исто така, и за отстранување депонии – соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму информираат дека согласно со техничката спецификација, проценетата вредност на машината е близу 3 милиони денари со пресметан ДДВ.

– Во случајов, Општина Карпош ќе го кофинансира проектот со 330.000 денари со вклучен ДДВ, односно ќе учествува со финансиски средства во висина од 11 % од вредноста на набавката – потенцираат општинските служби.

Со мнозинство гласови, на седницата беше поддржана и предлог- одлуката со која Советот дава согласност за распишување јавен повик за избор на членови на Советот за женско претприемништво, кој ќе биде објавен на официјалната веб-страница на Општина Карпош.

Инаку, Советот за поддршка на женското претприемништво на Општина Карпош се формира заради поттикнување и поддршка на актуелните и на потенцијалните жени претприемачи во Општината.

Советниците на седницата ги изгласаа и измените и дополнувањата на решението за разрешување и именување член во Управниот одбор на општинската детска градинка „Мајски цвет“.

 

ИЗДВОЕНИ