Советот на Општина Карпош, на последната седница, го усвои амандманот на градоначалникот Сотир Лукровски со кој ќе бидат пренаменети неискористените општински средства за патување во странство и расходи за репрезентација.
По предлог на првиот човек на Општината, овие парични средства ќе бидат пренасочени за покривање на трошоците за комунални услуги на основните училишта во Општина Карпош. Во таа насока, мнозинството советници го поддржа предлогот на градоначалникот Лукровски, кој ќе биде составен дел од предлог-одлуката за изменување и дополнување на општинскиот буџет.
Советниците го поддржаа Планот на програми за развој на локалната самоуправа за 2026 година.
Согласно со потребите од областа на комуналните работи и уредувањето на просторот, ќе бидат преземени одредени активности за подобрување на инфраструктурните капацитети во Општина Карпош. Станува збор за капитални инвестиции во инфраструктурни објекти како реконструкција на повеќе улици, на спортските сали во рамките на основните училишта „Братство“ и „Димо Хаџи Димов“, интервенции во фекалната и во атмосферската канализација, како и изградба на детската градинка „Пролет“ во населбата Козле и на детската градинка „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе.












