Со свечена седница на Советот, на која беа презентирани постигнатите резултати и визиите за развој, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа својот празник.
Во своето обраќање, градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека Општината потврдила во изминатиот период дека со визија, заедничка работа и со обединетост може да се гради стабилна, одговорна и современа локална заедница.
– Делата зборуваат најгласно – ова е нашата заедничка приказна за успех – нагласи Стојкоски, презентирајќи дел од реализираните проекти: 150 нови и реконструирани улици, нова спортска сала во Хром, осум нови спортски терени, нова општинска зграда – центар на услуги за граѓаните, реконструирана улица „Радушка“, реконструкција на училиштето во Кучково – регионален центар за деца херои, нова детска градинка во Стопански Двор, пречистителна станица во Орман, бесплатна градинка и оброци за децата на бранителите, нов локален пат Волково – Орман. Сето ова е само дел од нашиот заеднички успех, темел за уште поголем развој – Стојкоски.
На свеченоста беа доделени и годишни признанија. Годишната награда на Општина Ѓорче Петров му беше врачена на доктор Боро Јончев, а беа одликувани и ученици, како и добитници на признанија за својот придонес во развојот на локалната заедница.
Свечената седница заврши со заедничка порака за единство и заедништво.
На седницата ѝ претходеше положување цвеќиња пред споменикот на патронот на Општината, револуционерот Ѓорче Петров.