Општина Ѓорче Петров започнува со реализација на 24 нови капитални проекти, за кои се предвидени вкупно 352 милиони денари со најновиот ребаланс на буџетот, усвоен на 57.седница на Советот на Општината.
Со ребалансот, капиталните расходи се зголемуваат за 48%, што претставува историски највисок инвестициски циклус на територијата на општината.
Проектите се распоредени рамномерно низ сите населени места и опфаќаат изградба и реконструкција на улици и краци во населбите Хром, Волково, Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Ново Село, Орман, Никиштани и Кучково, потоа втора фаза од изградбата на нова детска градинка во с. Ново Село, како и доградба на училници во ПООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ и ООУ „Јоаким Крчовски“. Исто така, обезбедени се и средства за изработка на основни проекти за јавни површини со плоштад, пешачка патека и урбана опрема.
– Со овие проекти, Општината продолжува да инвестира во клучна инфраструктура, образовни капацитети и услови за поквалитетен живот на граѓаните. Ова е досега најобемниот развоен пакет за Општина Ѓорче Петров. Работиме системски, рамномерно и одговорно – за секој метар улица, за секое населено место – изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
Во наредните недели во населба Александрија ќе се спроведува изменет сообраќаен режим поради градежни активности за поставување на топловодна мрежа за новите станбени објекти. Мрежата ќе опфати над 1.000 станови.
– Ги замолуваме граѓаните да не паркираат возила на делови од улиците каде се изведуваат работи, со цел да не се попречува текот на градежните активности и да се овозможи непречена реализација на проектот. По завршување на работите, жителите ќе добијат поефикасно и сигурно централно греење, согласно со најновите енергетски стандарди – велат од општина Ѓорче Петров.