четврток, јануари 29, 2026
Дома СКОПСКА Општина Гази Баба треба да врати 127 милиони денари поради поништени дозволи...

Општина Гази Баба треба да врати 127 милиони денари поради поништени дозволи за градба

32

Општина Гази Баба се соочува со сериозен финансиски товар од околу 127 милиони денари откако Апелациониот суд во Скопје донесе правосилна пресуда со која е задолжена Општината да врати средства за поништени одобренија за градење на локацијата на поранешниот Скопски саем.

Градоначалникот Бобан Стефковски информира дека пресудата е резултат на, како што посочи, неодговорното постапување на претходното општинско раководство во периодот од 2017 до 2021 година. Според него, тогаш биле поништени важечки одобренија за градба издадени на повеќе правни лица, иако тие претходно уредно ги платиле надоместоците за уредување на градежното земјиште. Поради ваквата одлука, на 27 октомври 2020 година оштетените компании поднеле тужба против Општината, откако биле укинати нивните дозволи и биле издадени нови одобренија за друго правно лице. Иако Општината имала обврска да им ги врати уплатените 73.460.330 денари, тоа не било сторено, што довело до долготрајна судска постапка.

Со пресудата донесена на 30 октомври 2025 година, Апелациониот суд наложил враќање на средствата заедно со законската казнена камата, со што вкупниот износ за исплата достигнал околу 127 милиони денари.

– Ова е јасен доказ за неодговорно работење, без визија и без почитување на законите. Наместо во 2020 година да се вратат 73 милиони денари, денес Општината е принудена да плати речиси двојно повеќе – изјави Стефковски.

Тој оцени дека станува збор за сериозен удар врз општинскиот буџет, но истакна дека нема простор за загриженост кај граѓаните. Според него, со одговорно и транспарентно управување, Општината ќе успее да го надмине овој финансиски предизвик и да продолжи со стабилното функционирање.

Стефковски најави дека за случајот ќе бидат известени и надлежните институции, со цел да се утврди евентуална одговорност согласно со законските прописи.

ИЗДВОЕНИ