Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до сопствениците на кучиња да ја исполнат законската обврска за нивна идентификација со микрочип и со регистрација во модулот за домашни миленици во информативниот систем на Агенцијата. По извршената регистрација, за животното се издава и пасош за домашен миленик.

Од АХВ појаснуваат дека апликацијата на микрочипот е еднократна постапка и дека животното го носи чипот до крајот на животот. Ставањето микрочип претставува основа за утврдување на сопственоста, обезбедување навремена и квалитетна здравствена заштита, како и за зголемување на безбедноста во однос на спречување и контрола на заразни болести што може да се пренесат од животните на луѓето.

Сопствениците чии миленици имаат микрочип имаат законска обврска да ја пријават секоја промена на податоците за животното или за себе во надлежното ветеринарно друштво, кое врши ажурирање на електронската база на податоци. Во базата задолжително се евидентираат и пцовисувањето, губењето и купопродажбата на животните.

Според Агенцијата, ставањето микрочип има цел трајна идентификација, спречување на напуштање, контрола на размножувањето, како и полесно пронаоѓање на милениците во случај на губење или кражба.

Во меѓувреме, Општина Гази Баба објави јавен повик за субвенционирање на граѓаните за стерилизација на домашните миленици во 2026 година. Со повикот се надоместуваат 100 проценти од трошоците, но најмногу до 6.000 денари од миленик (куче или маче).

Право на учество имаат жителите на Општината што ќе достават комплетна документација. Условите предвидуваат миленикот да биде регистриран и со микрочип со валиден пасош, стерилизацијата да биде извршена во регистрирана ветеринарна установа на територијата на Општината и да се приложи доказ за извршената уплата.

Потребната документација опфаќа: барање (достапно во архивата или на веб-страницата на Општината), копија од лична карта, копија од трансакциската сметка, фискална сметка или фактура со доказ за уплатата, копија од пасошот на миленикот, потврда од ветеринарна установа и фотографија од миленикот.

Со овие мерки, надлежните институции апелираат за одговорно сопствеништво и за активна грижа за здравјето и доброто на домашните миленици.

ИЗДВОЕНИ