Владата ѝ одобри на Општина Гази Баба 16 капитални проекти што ќе бидат финансирани со парите од унгарскиот кредит. За таа цел, градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, одржа состаноци со секторите од општинската администрација за подготовка на ребалансот на буџетот и веднаш потоа ќе се распишат постапките за почеток на градежни активности на терен.
Ќе се финансира изградбата на нова детска градинка (помеѓу Маџари и Керамидница), нова спортска сала на ООУ „Григор Прличев“ во Железара, како и доградбата на ООУ „Крум Тошев“ во Трубарево. Ќе се гради фекална канализација во Јурумлери и населбата Дрма во Идризово, како и атмосферска канализација на улиците „Гемиџиска“ и „Филип Филиповиќ“ во населба Железара.
Исто така, целосна реконструкцијата ќе се направи на улиците „Петре Филиповски Гарката“ во Триангла, „Палмиро Тољати“ во Ченто, „Париска Комуна“ во Хиподром, „Ордан Поп Јорданов“ и „Жан Жорес“ во Маџари, „30“ во Чукур Маало во Трубарево, „519“ во Керамидница, како и улицата кон гробиштата Камник. Ќе се градат и нови улици како „22“ во Сингелиќ и „2“ во Железара.
Градоналникот Стефковски вели дека со сите овие активности, Општина Гази Баба ќе прерасне во едно големо градилиште.
– Во изминатиот период интензивно работевме на урбанистичка и проектна документација. Гази Баба не запира, работиме со визија, темпо и одговорност – за вас, за нашите деца, за нашата иднина – нагласи Стефковски.