Општина Делчево го намали долгот за повеќе од три пати

12

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски,  информираше дека Општината успеала значително да го намали долгот, кој претставувал сериозен товар во минатото.

– Финансиската стабилност е основа за секој развоен процес во една општина. Токму затоа, од самиот почеток на мојот мандат, една од клучните цели беше воспоставување финансиска дисциплина и домаќинско управување со јавните средства. Во октомври 2017 година, долгот изнесуваше околу 248 милиони денари, денес, во октомври 2025 година, тој е сведен на околу 79 милиони денари. Ова претставува намалување за повеќе од три пати, што е јасен показател за одговорното работење на општинската администрација и за рационалното користење на буџетските средства – нагласи Трајковски.

Тој додаде дека со ваквото намалување на долгот се обезбедуваат поголема ликвидност, стабилност и доверба кај сите партнери – институциите, бизнис-секторот и граѓаните на Општината.

– Тоа значи дека ќе може да бидат насочени повеќе средства кон инвестиции во инфраструктурата, образованието, културата, спортот и сите оние сегменти што директно го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните на Делчево – смета Трајковски, нагласувајќи дека овој резултат е потврда оти со дисциплина, транспарентност и со одговорност може да се надминат и најголемите финансиски предизвици.

ИЗДВОЕНИ