Четири градилишта на територијата на Општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за безбедно движење на пешаците и за нормално одвивање на сообраќајот, информираа од Општината.

Во рамките на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвиле записници и издале прекршочни налози за градилишта лоцирани на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“. Паричните санкции за констатираните прекршоци се движат од 1.300 до 1.800 евра.

Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека ќе продолжат контролите со несмален интензитет.

– Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Ќе има нулта толеранција за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор – изјави Герасимовски.

Од Општината додаваат дека ќе продолжат инспекциските контроли како континуирана мерка, со цел одржување чист, безбеден и функционален урбан простор.

ИЗДВОЕНИ