Oпштина Центар, заклучно со 31.12.2023 година има над 276 милиони денари или околу 4,5 милиони евра побарувања, за кои не е утврдена старосната структура и можноста за нивна наплата, а утврдените неправилности при доделувањето на договорите за јавни набавки влијаат на доследно почитување на основните начела при ДДЈН утврдени во Законот за јавни набавки, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Побарувањата по основ на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти се евидентирани на денот кога истите се наплатени и не се склучени договори за одложено плаќање доколку надоместокот не е платен еднократно.
По основ на комунална такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила, Општина Центар побарува од ЈП „Паркинзи на Општина Центар” – Скопје околу 17 милиони денари кои се однесуваат на побарувања од минати години, а за 2022 и 2023 година воопшто не искажува побарувања по овој основ.
– Во услови на непостоење на прецизни и јасни критериуми, во 2023 година доделени се финансиски средства на спортски здруженија, спортисти-поединци и стипендии за млади таленти во вкупен износ од над 2,2 милиони денари, што претставува само 13% од вкупните средства на Програмата за спорт и рекреација, а останатите 15 милиони или 87%, Општина Центар ги доделила на КК „Работнички“ АД Скопје, при што во изминатите девет години нема извршено контрола на наменското и законското користење на доделените средства – се наведува во ревизорскиот извештај.
Исто така, Општина Центар исплатила 984 илјади денари за адвокатски услуги во месечни паушали, за зимско одржување на улиците, исплатен е паушал во износ од 2,6 милиони денари без извршена ефективна работа на возилата и изнајмен е простор наменет за читални без спроведен јавен оглас/повик или објава во средства за јавно информирање, за што се исплатени 735 илјади денари, иако истите не функционираат.
При изградба на детска градинка во населба „Пролет“ со вкупна вредност околу 3 милиони евра без ДДВ не се испочитувани во целост одредбите од Законот за градење. Во текот на изградбата склучени се анекс договори во кои се предвидени работи кои не се составен дел на основниот проект, но не е изработена дополна на основен проект, ниту проект на изведена состојба, согласно член 51 и 69 од Законот, а ревидентот при ревидирање на основниот проект нема извршено ревизија на сите фази од основниот проект, како што предвидуваат одредбите од член 21 и член 44 став 5 од Законот за градење.
Во постапката за јавна набавка на Систем за администрација, дигитализација и реконструкција на јавно осветлување за паметно мерење и управување со електрична енергија-паметни ормари со вредност од 113,3 милиони денари без ДДВ, не се почитувани одредбите од Законот за јавни набавки.
По спроведена постапка за јавна набавка и склучен договор и Анекс договори во вкупна вредност од 48,8 милиони денари без ДДВ, извршена е комплетна реконструкција на улицата „Аминта 3“ (поранешна „Ленинова“). За дел од позициите, односно за водоводната мрежа и атмосферската канализација, за кои изведувачот нема добиено Евидентни листови од страна на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, како и за фазата електрика, поради несоодветноста на материјалите, надзорот ја има намалено вредноста на основниот договор за 244 илјади денари, иако таква одредба не е предвидена во договорот.
ЈП „Водовод и канализација“ Скопје има извршено три проверки на новоизградената атмосферска канализација и поради отстапување на изведените работи, односно позициите како преповрзување на постоечките објекти на новоизградената водоводна мрежа Ф 150, како и прифаќање (преповрзување) на постоечките водоводни мрежи кои гравитираат кон предметната улица кои се дел од проектот не се изведени, не е извршен технички прием на водоводната и атмосферската канализација.
По доставениот Нацрт извештај на Овластениот државен ревизор за надминување на недостатоците и изведување на приклучок на водоводната мрежа Општина Центар и ЈП „Водовод и канализација“ Скопје склучиле договор со кој се регулирани одредени активности за приклучување, поврзување и реконструкција на водоводната мрежа Ф150 на улица „Аминта 3“ согласно техничкото решение.
За Реконструкција на фасада и кров на ЈУДГ „13 Ноември“ за објект „Јасмин“ спроведена е постапка за јавна набавка и склучен е Договор и Анекс за кусоци и вишоци со вкупна вредност 11,6 милиони денари без ДДВ. Во тендерската документација кај условите за квалитативен избор, предвиден е несразмерен услов да економскиот оператор има минимален годишен приход од минимум 24 милиониденари за секоја година поединечно за последните 3 години, иако во постапката како проценета вредност се обезбедени 10,3 милиони денари без ДДВ, што не е во согласност со член 91 став 3 од ЗЈН.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.