Општина Чаир должи 7 милиони денари кон ЈП Комунална хигиена. Директорот на претпријатието, Сабахудун Рустеми, во обраќањето до јавноста вели дека овој долг сериозно ја им отежнува секојдневната работа. Долгот опфаќа неплатени финансиски обврски од страна на општинските институции, вклучувајќи ги и самите општински објекти, основните училишта и градинките кои се во надлежност на општината.
– Чаир е единствената општина во Скопје што има долг кон ЈП Комунална хигиена. Сепак ние продолжуваме редовно со чистење и празнење на контејнерите на секоја точка за собирање отпад. Градоначалникот Висар Ганиу, со изјави во кои алудира на наводно неизвршување на обврските од страна на ЈП Комунална хигиена, има за цел да го одвлече вниманието од вистинските проблеми што сам ги создава. Ганиу треба сериозно да се занимава со долгот од 7 милиони денари што Општина Чаир го има кон ЈП Комунална хигиена, кој се акумулира од моментот кога тој е носител на функцијата градоначалник на Чаир – вели Рустеми во соопштението до медиумите.
Тој појаснува дека Општина Чаир е континуирано и институционално информирана за постоењето на овој долг, но досега не презела конкретни чекори за негово подмирување.
– Иако тој не ги подмирува своите обврски со години, тоа не ја спречува нашата работа, но директно влијае врз одржливоста и квалитетот на услугите кои што ги нудиме на граѓаните – вели Рустеми.
Оттаму додаваат дека продолжуваат со посветеност и професионализам да ги извршуваат своите обврски, но бараат од Општина Чаир да ја преземе одговорноста која ѝ припаѓа во однос на јавните услуги и финансиските обврски, бидејќи како што велат, тоа претставува предуслов за обезбедување на квалитетна и одржлива услуга за нејзините граѓани.
– Она што е уште позагрижувачки, е фактот што Општина Чаир не се грижи за отстранување на гломазниот отпад, иако постојано рекламира акции што во реалноста не се реализираат. Она што е најсериозно е тоа што имаме сигурни информации дека во неколку случаи самата општина организира фрлање на отпад надвор од контејнерите, намерно, со цел да се создаде хаос и вината да се префрли на нашето претпријатие – вели Рустеми.
Тој нагласува дека ова однесување не само што е неодговорно, туку директно ги оштетува граѓаните и животната средина.
– Поради оваа вонредна ситуација, сме принудени да користиме багери за да го отстраниме неправилно фрлениот отпад – нешто што не е вообичаено за еден град што цели кон чистота. Општина Чаир е единствената во Скопје која, освен што не соработува, самата создава хаос во управувањето со отпадот. Им упатувам апел на институциите да интервенираат, а на граѓаните да стојат до фактите, а не до манипулациите. Ние ќе продолжиме да работиме чесно за чиста околина, затоа што тоа е нашата обврска кон граѓаните – изјави Рустеми.
Во врска со долговите на Општина Чаир кон ЈП Комунална хигиена реагираа и од партијата Левица. Оттаму состојбата ја оценуваат како алармантна и директна закана за достоинството и здравјето на жителите.
– Ганиу со години не презема никакви конкретни мерки за справување со проблемот, и наместо тоа, се впушта во евтини обвинувања кон институции кои со тешкотии се обидуваат да ја одржат минималната функционалност – додаваат од Левица.
Партијата бара итна и транспарентна ревизија на финансиите на Општина Чаир, како и персонална одговорност за оние кои дозволиле акумулација на долгот. Дополнително, Левица Чаир ја повика Комунална хигиена да ги објави детално сите побарувања по институции.
Од Општина Чаир досега нема официјален одговор на овие обвинувања.