На вчерашната седница, на постојната анкетна комисија, за заштита на слободите и правата, на која се донесе одлука да има собраниска расправа за пропустите на институциите кои придонесоа за случување на трагедијата во Кочани, пратеничката на Левица, Јована Мојсоска, од говорницата прочита седум причини поради кои има потреба од тоа, а кои доаѓаат директно од проблемите со кои се соочуваат повредените што се лекуваат во кочанската болница. Како прва причина го наведе одбивање од страна на Фондот за здравствено осигурување за привремена спреченост од работа на повредените и објаснувањето дека се бара решение за настанатата ситуација. Понатаму, според пратеничката, многумина од родителите на повредените биле принудени да ја напуштат работата за да се грижат за децата. Како трето, пак, нагласи дека на пациентите им се барале партиципации за лекување, а објаснувањето од Фондот такво е законското решение. Мојсоска му забележа на директорот на Фондот, Сашо Клековски, дека било нормално пациентите да се лекуваат од донации, што се однесува на компресивната облека за повредените набавена преку „Сапорт Кочани“. Според пратеничката, пак, пратениците треба да дискутираат и за лошите услови во кочанската болница. Наместо сите државни капацитети да се пренасочат таму, пациентите со изгореници се мијат во мијалници бидејќи нема специјална када, вели Мојсоска и ги праша здравствените власти зошто сè уште нема тријажа, кој од пациентите да се третира со хипербарната комора набавена со донација, каде што единствената пациентка која била лекувана, покажала одлични резултати.
Директорот на ФЗО, Клековски, пак, преку социјалните мрежи објави дека ги посетил повредените кои се на лекување во кочанската болница заедно со новиот министер за здравство Азир Алиу. Се сретнале со неколкутемина од повредените во пожарот во дискотеката и им ветиле дека ќе биде обезбедена потребната терапија и реквизити за лекување и закрепнување. Според објавата на директорот во Општата болница во Кочани пристигнале компресивните ракавици за повредените од катастрофалниот пожар.
„Овие компресивни ракавици, според лекарите, се чекор во нивното закрепнување. Со помош на најсовремена технологија за 3Д-скенирање, деновиве во Кочани се земале прецизни мерки за изработка на компресивни маски за врат и лице, кои ќе бидат изработени во Германија, напиша Клековски.
„Иако на прв поглед овие активности може да изгледаат едноставно, тие се резултат на здружени напори. Во Македонија, за жал, не постои соодветен материјал за компресивните ракавици. Но, благодарение на домашна компанија и нејзините меѓународни партнери, беше пронајдено решение. Секоја ракавица е изработена поединечно, со прецизни мерки земени за секој повреден – буквално за секој прст! Започнавме со нивната дистрибуција, заедно со обука за правилна употреба, што е уште еден доказ за грижата и вниманието. Првата пратка е обезбедена со поддршка на граѓанска организација, објави директорот.
Во меѓувреме од Црвен крст објавија дека ја направиле последната исплата на финансиската помош за настраданите во пожарот, собрана преку донации од фирми и граѓани. Информираат дека досега биле исплатени 147 милиони денари.
Според вчерашното гласање на анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните, надзорна собраниска расправа за Кочани ќе се стави на дневен ред. За одлуката гласаа членовите пратеници на СДСМ, Левица и Европскиот фронт, а владејачкото мнозинство не дојде на седницата.
Опозицијата и вчера го потсети министерот за полиција зошто според нив треба да си поднесе оставка. СДСМ на неколку прес-конференции по ред бара кривична одговорност од директорот на БЈБ Александар Јанев.
„Главната инспекторка за економски криминал, Кристина Јованова, да не е опфатена со истрагата. Како е тоа можно? Таа имала надлежност да постапи, а не презела ништо, иако дискотеката „Пулс“ работела нелегално повеќе од една година – без лиценца, со блокирана сметка. Дури и сè уште е на функција. Затоа е заштитена од политички структури на власта и скриена зад ѕидот на молкот и неказнивоста. Штитејќи ја неа, всушност се штити и директорот на БЈБ, кој е директно одговорен за нејзиното (не)постапување. Одиме понатаму. Полицијата имала обврска да го затвори објектот, а не да спроведува контроли кои биле спротивни на процедурите. Не се прави контрола на објект што нелегално работи тој се затвора. Полицијата исто така имала должност да спречи внесување на пиротехнички средства, за што знаеме дека е клучен причинител за пожарот. А кој ги постави сите овие началници, одговорни полицајци, надлежни полициски службеници? Кој им давал наредби? Тошковски и Јанев“, велат од СДСМ
Министерот за внатрешни на неговиот последен настап во медиумите рече дека опозицијата се обидува да ја искриви фактичката состојба и се обидува да манипулира со мислењето во земјата. Нека им служи на чест, изјави министерот.
„Со затворањето на двете истраги и поднесувањето на обвиненија, граѓаните на земјата ќе можат да видат што, зошто и како е преземено од страна на Јавното обвинителство. Моето лично мислење е дека Јавното обвинителство досега добро ја води истрагата. Верувам дека семејствата на трагично починатите и секој граѓанин на земјата треба да ја видат правдата, рече Тошковски. (П.А.)