Утре во 12:00 часот продолжува комисиската расправа во Собранието, за предлог-буџетот за 2026 година. На матичната Комисија за финансирање и буџет, во петокот осврт даде министерката за финансии, во саботата пратениците од власта го бранеа предложениот буџет како одржлив и развоен, додека, пак, од опозицијата го оценија како неконзистентен, нереален и директно штетен за економијата и за граѓаните.
Емил Спасовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека се работи за исклучително развоен буџет, со вклучена социјална компонента. Тој истакна дека целта е забрзување на економскиот раст и спроведување фискална консолидација преку зајакната финансиска дисциплина, воедно посочувајќи дека најголем двигател на растот ќе бидат бруто-инвестициите.
– За во 2026 година се очекуваат позитивни движења и економскиот раст да забрза за 3,8 %, како резултат на растот на инвестициите и на последователниот пад на стапката на невработеност на историски најниско ниво од околу 10 %, раст на пензиите и на платите и солидно зголемување на приватната потрошувачка. Најголем придонес кон растот во 2026 година се очекува да имаат бруто-инвестициите, преку реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, во патната и во железничката инфраструктура, пред сè коридорите 8 и 10-д, како и на проекти во енергетиката, земјоделството, образованието и во здравството – рече Спасовски.
Тој нагласи дека тоа што се предвидува за наредната година раст на економијата од 3,8 % не е случајно, туку дека е континуитет на растот на БДП во последните три квартали.
– Стапката на инфлација е детерминирана на 2,5 % како резултат на рамнотежата во делот на цените на храната, од една страна, и цените на енергенсите, од друга, што зборува за континуиран економски раст, стабилизирање на инфлацијата, добро менаџирање на јавните пари – рече Спасовски.
Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека во предлог-буџетот за 2026 година за образование и наука се планирани 45,7 милијарди денари, што е за 1,1 милијарда денари повеќе од минатата година.
– Ние, како парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, ја имаме обврската да поставиме нови стандарди, да го коригираме она што беше погрешно и да го вратиме достоинството на институциите и на граѓаните. Најважен сегмент што ја одредува иднината на Република Македонија е вложувањето во младите и во образованието. Овој предлог-буџет го прави токму тоа, ја засилува образовната инфраструктура, ги поддржува студентите, ја поддржува науката и создава услови што младите ги заслужуваат – истакна Бојковска.
Таа се осврна особено на програмата за одделот наука, информирајќи дека се издвојуваат 823,4 милиони денари, што е 26 % повеќе од 2025 година.
– Ова е еден од нашите приоритети: да се вложува во научноистражувачката работа и да имаме нација што ќе ја носи државата на здрави столбови. Никогаш повеќе претходно не биле поддржани науката и научната дејност. Особено сакам да го потенцирам вложувањето во инклузивното средно образование. Изградбата на спортски сали во основните училишта е зголемена за 44 % или 113 милиони денари. Ова се инвестиции во генерациите, во талентите, во иднината – кажа Бојковска.
Според пратеникот Златко Пенков од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Министерството за финансии креирало буџет што ќе ги решава проблемите на граѓаните.
– Главни двигатели ќе бидат зголемената активност кај градежништвото и домашната потрошувачка. Предвидено е стапката на невработеност да биде 10,1 %, а платите и пензиите ќе растат. Сметам дека треба да се спроведуваат уште поинтензивни политики за привлекување странски, но и домашни инвестиции за уште поголем раст на БДП, да се изнајдат такви мерки со кои ќе им се дозволи на инвеститорите да работат, заработат и да вработуваат. Само така ќе дојдеме до степен кога ќе можеме да зборуваме за суфицит во буџетот, а сега има одлична база за тоа, бидејќи досегашните политики дадоа исклучителен резултат – потенцира Пенков, кој истакна дека сивата економија има потенцијал од 700 милиони евра годишно.
Опозицијата со критики за предлог-буџетот. Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, нагласи дека буџетот не содржи никакви политики за зголемување на платите, ниту мерки за справување со сè поголемата сиромаштија.
– Цените растат, граѓаните должат повеќе, а примаат исто. Наместо да живеат подобро, тие повторно плаќаат повеќе. Нема развој, нема реформи, нема повисоки плати, нема мерки за сиромаштијата, има само задолжување, кратење и непродуктивно трошење. Ова е буџет на хартија, без капацитет да донесе подобар живот – рече Лукаревска.
Таа посочи дека Владата нема никакви алатки за да ја сопре инфлацијата, која и понатаму е висока, на што реплицираше Пенков, кој е сигурен дека ако се стави во формални рамки, ќе биде дополнителен „инпут“ за раст на домашниот производ.
Вкупните приходи во предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 %, инфлацијата на 2,5 %, а буџетскиот дефицит на 3,5 % од БДП. Приватната потрошувачка е проектирана со раст од 2,6 %, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, со раст од 1,4 %, во насока на фискална дисциплина.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во петокот, на првиот ден од расправата, рече дека ова не е само уште еден документ со бројки и табели, туку е економска порака за стабилност, доверба и за развој.
– Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и на странските инвестиции. Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски дури и во време на предизвици. Овој документ зборува за економија што расте, за држава што инвестира и за Влада што знае што прави – потенцира министерката.
Таа очекува позитивните трендови да се одразат и на пазарот на трудот.
Се очекува раст на вработеноста и зголемување на просечната нето-плата за 6,5 %. Ова ќе биде како резултат на отворањето нови производствени капацитети, проширување на постојните, како и на активните мерки и програми за вработување што ги спроведува Владата.
Пленарната седница на која ќе се разгледува предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември, а досега се поднесени над 100 амандмани.
Судството годинава имало за 6 милиони евра поголеми плати, бара нови 22 милиони
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, информира дека буџетот за судството за 2026 година е планиран рационално, во рамките на законските лимити и во контекст на фискалната консолидација.

– Во 2025 година, буџетот за судството изнесуваше 2 милијарди 858 милиони денари, а со ребалансот изнесува 2 милијарди 748 милиони денари. За следната година, буџетот е предвиден на истото ниво, додека нивното барање беше 5 милијарди 229 милиони денари. Важно е да се напомене дека секој буџетски корисник, согласно со Законот за буџети, добива лимит од Министерството за финансии, во рамките на кој треба да ги планира своите расходи. За судството, лимитот бил 2 милијарди 995 милиони денари – вели министерката.
Таа истакна дека се прават анализи за процентот од буџетот што му следува на судството согласно со европските практики.
– Во услови на фискална консолидација, кога претходно се трошело повеќе од дозволеното, сега е неопходно да се постави државата на правилен пат и да се постигне буџетски дефицит од 3 % за следната година. Иста е ситуацијата и со Основното јавно обвинителство и со Народниот правобранител – за секој од нив можеме да ги наведеме лимитите, барањата и разликите во однос на износите – кажа министерката.
Таа потенцираше дека мора внимателно да се провери од што точно ќе се пресметува овој процент.
Во моментов извршуваме детални анализи за да го утврдиме точниот процент од буџетот што ќе им следува на судството и на Обвинителството. Нашата цел е рационално користење на средствата и транспарентно планирање во рамките на законските лимити – заклучи министерката.












