Опозицијата бара оставки од целата влада поради корупцискиот скандал што ја тресе Украина

57
Фото: EPA/OLIVIER MATTHYS

Додека беснее војната против Русија, Украина е потресена од нов корупциски скандал во кој се вклучени поранешни министри и други блиски до претседателот Володимир Зеленски. Оставката на двајца министри не ја задоволува опозицијата. Претседателот Володимир Зеленски е под голем притисок.

Антикорупциските групи неодамна обвинија неколку лица за организирање измама во енергетскиот сектор вредна околу 100 милиони долари, вклучително и во националниот нуклеарен оператор „Енергоатом“, пренесе „Би-би-си“.

Откако наодите беа објавени, министерката за енергетика Светлана Гринчук и министерот за правда Герман Халушченко поднесоа оставки по барање на Зеленски.

Групите тврдат дека Халушченко и други министри и функционери добивале пари од изведувачи кои граделе утврдувања против руските напади врз енергетската инфраструктура.

Меѓу наводно вмешаните се поранешниот вицепремиер Алексеј Чернишов и Тимур Миндич – бизнисмен и ко-сопственик на поранешното телевизиско студио на Зеленски, Квартал95.

Целата афера е наречена „Миндичгејт“ по Миндич, за кој се верува дека избегал од земјата.

Халушченко, поранешниот министер за правда, изјави дека ќе се брани од обвиненијата, додека поранешната министерка за енергетика, Гринчук, тврди дека не го прекршила законот.

Опозицијата во украинскиот парламент, сепак, верува дека оставките на само двајца министри не се доволни и бара оставка од целата влада.

Во обид да извршат притисок врз владата, пратениците од опозицијата ја окупираа говорницата на Врховната рада на 18 ноември, блокирајќи ја работата на парламентот.

Парламентарната седница имаше само една точка на дневен ред – оставките на министерот за правда и министерот за енергетика, кои владата ги нарече „луѓето на Миндич“.

Сепак, пратениците од опозицијата излегоа на говорницата и го спречија гласањето за разрешување, односно потврда на оставките на двајцата министри, барајќи оставка од целата влада.

Властите очигледно планирале да жртвуваат двајца министри и да најават голема кадровска промена во целиот енергетски сектор, пишува Свјатослав Хоменко, новинар на „Би-Би-Си“ во Украина.

Наводно, ова би го завршило скандалот со снимките објавени од Националното биро за борба против корупцијата, додава тој.

Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САП) објавија дека истрагата, која траела 15 месеци и во која биле слушани 1.000 часа аудио снимки, открила вмешаност на неколку членови на украинската влада.

Според Бирото, осомничените систематски земале мито, или процент, од изведувачите на Енергоатом – помеѓу 10 и 15 проценти од вредноста на договорот.

ИЗДВОЕНИ