Состојбата во Трубарево по стравотниот пожар во Центарот за рециклирање на пластика, електричен отпад и литиумски батерии, полека се стабилизира. Целото опожарено место е затрупано со земја и песок, а за вчера попладне беше најавена прес-конференција на која надлежните институции требаше да брифираат за сè што се презема за да се утврди состојбата со почвата, водата и воздухот по пожарот. 

Во Трубарево е поставена мерна станица која ќе биде на функција 24 часа и ќе го мери квалитетот на амбиенталниот воздух, резултатите ќе бидат познати по една недела. Земени се примероци од почва и вода од непосредна близина на засегнатото подрачје за физичко-хемиска анализа, како и примероци од чешми, бунари и почва за испитување на евентуално јонизирачко зрачење. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, вчера истакна дека примероците се анализираат и се обработуваат и штом ќе бидат готови резултатите, ќе ги споделат во јавноста

 

Состојбата во Трубарево по стравотниот пожар во Центарот за рециклирање на пластика, електричен отпад и литиумски батерии, полека се стабилизира. Целото опожарено место е затрупано со земја и песок, а за вчера попладне беше најавена прес-конференција на која надлежните институции требаше да брифираат за сè што се презема за да се утврди состојбата со почвата, водата и воздухот по пожарот.

Жители од Трубарево велат дека иако веднаш по избувнувањето на пожарот некои си заминале од селото, сепак други не ги напуштија своите домови.

– Јас сум во Центар, но моите родители живеат во Трубарево. Штом се случи огнената стихија, си заминаа во куќата во Крива Паланка. Не е загадено само во Трубарево, загаден е воздухот во цело Скопје. Но и покрај тоа, многумина мои другари од селото се дома, не заминаа – вели Дамјан Ристовски за весникот ВЕЧЕР.    

И покрај тоа што целото опожарено место е затрупано со земја и песок, сепак и вчера имаше слабо чадење на неколку места, поради што беше интервенирано со специјална пена и со дозатрупување со земја и со песок. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека екипа на Бригадата за противпожарна заштита постојано дежура и, доколку е потребно, реагира со специјална пена и со дозатрупување.

Што се однесува на состојбата со „Дрисла“, тој истакна дека таа е значително подобрена.

– Останува мал дел да се дозатрупа и очекувам тоа да се заврши и на тој начин и двата пожара да се изгаснати – истакна Ангелов.

Со два уреда се мери квалитетот на амбиенталниот воздух

Во Трубарево е поставена мерна станица која ќе биде на функција 24 часа и ќе го мери квалитетот на амбиенталниот воздух. Опожареното место го посетија ресорниот министер, Изет Меџити, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска и проф. д-р Дејан Мирковски кој е раководител на истражувачката лабораторија „Амбикон“ од Штип.

– Мерењата ќе се вршат секојдневно 24/7 за да се следи квалитетот на воздухот и навремено да се информира јавноста, која ќе има можност да ги следи податоците во реално време – информираат од Министерството за животна средина.

Мираковски најави дека е потребна една недела за првичните резултати од мерењата за загаденоста на воздухот во Трубарево.

– Поставени се два уреда, кои континуирано, 24 часа во наредните пет дена, ќе земаат проби од честичките кои подоцна ќе бидат анализирани. Едната мерна станица се наоѓа на педесетина метри, а втората е на стотина метри од складиштето за рециклирање на електронски отпад и пластика, на компанијата „Ф-Групација“ во Трубарево, кое изгоре во саботата – истакна Мираковски.

Во лабораторијата ќе се анализираат 32 елементи, како и никел, кадмиун, арсен, олово и жива.

– Анализите вклучуваат целосен хемиски состав – елементарен состав на честичките, како и дополнително се анализираат водорастворливите јононитрати, сулфати, амониуми, хлор, калиуми елементарен јаглерод. Тоа е стандарден сет на анализи кои ќе ни овозможат заедно со металите, вклучително и со регулираните метали, да направиме процена на квалитетот на воздух во наредните неколку дена – рече Мираковски.

Тој посочува дека во моментов не може да се определи зоната на дисперзија на честичките што се ослободени во воздухот.

– Тоа зависи од количината и од видот на материјалот што изгорел, но и од атмосферските услови. Тешко може да се направи првична процена бидејќи, како што вели Мираковски, сè уште нема точни информации што точно имало во складот. Забележува дека со согорувањето на литиумските батерии и пластика се формираат и гасови и честички и дел од нив се трајни органски загадувачи. Не се работи за фабрика, туку за складиште и нема точни информации колкаво количество материјали имало внатре. Кога ќе се добијат сите информации, може со реверзибилно моделирање да се процени зоната, а може и со директно земање примероци од околината, по некаков распоред, и да се утврди колкава е таа зона која преставува ризик. Тоа зависи од многу фактори и каква било дискусија, односно раширување во поголем простор ја намалува концентрацијата и не би требало да се очекува некаков хемиски ризик во екстремно голема зона – изјави Мираковски и додаде дека освен на воздухот, предвидено е да се прават анализи и на водата и на почвата во регионот. По утврдувањето на овие параметри ќе биде познато дали ќе треба да се врши чистење и санација на евентуално контаминираната зона.

Притворени четворица за пожарот во Трубарево

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи мерка притвор во траење од 48 часа на четворица осомничени за пожарот во Трубарево. Четворицата се осомничени за кривичното дело Загрозување на животната средина и природата со отпад.

– Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје за определување краткотраен притвор за четири лица, кои во неделата доцна вечерта беа спроведени во судот, а поврзани со пожарот кој на 13.09.2025 година се случи во Трубарево – Скопје, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на: В. М., З. С., М. Д. и Л. Д. им определи мерка притвор во траење од 48 часа –  информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

Од Републичкото јавно обвинителство соопштија дека поради основано сомнение оти со заеднички дејства учествувале во извршување на кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, во врска со пожарот во Трубарево, Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против четири лица за кои од судија на претходна постапка било побарано определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази.

– Нивните конкретни дејства се испитуваат, но станува збор за 56-годишен управител и сопственик на 2 правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице. Се испитува потенцијална одговорност и на други лица – се вели во соопштението на Обвинителството.

Не е детектирана радијација, се испитуваат водата и почвата

Оттаму, исто така, информираа дека по пожарот во селото Трубарево не е детектирана радијација и оти контаминацијата е хемиска.

– Не е детектирана радијација, контаминацијата е хемиска. Обвинителството бара поддршка, не издава наредби на АРМ. На барањето беше веднаш одговорено и првично беше детектиран опасен периметар со ниво на загаденост по сектори, и согласно со тоа, надлежните служби пристапија кон евакуација. Резултатите од мерењата на инспекторатот за животна средина сè уште не се доставени до Обвинителството – кажаа од Јавното обвинителство.

Институтот за јавно здравје, пак, вчера доцна попладнето информираа дека во периодот од 7 до 14 септември 2025 година, нивниот автоматски систем за мерење на радијација во воздухот работел непрекинато и не покажал отстапки, односно зголемени вредности на станицата во Скопје. Скопската мерна страница покажала просечни вредности од 51 нано сиверт на час, при што најниската и највисоката вредност се движи од 51 до 69 нано сиверти на час. Вчера на 14 септември во 11.30 часот, беа измерени 50 нано сиверти на час.

– За споредба, сите овие бројки се во рамки на природниот радијациски фон, односно во рамки на нормалното природно зрачење кое е секогаш присутно во нашата околина. Нема никакви вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или на ризик за здравјето на граѓаните. ИЈЗ известува дека во моментот нема отстапувања од нормалните референтни вредности што би укажале на зрачење, то ест радијација во воздухот – се наведува во соопштението на Институтот за јавно здравје.

ИЈЗ испрати вонредни обучени екипи по насока на Инспекторатот за животна средина, Министерство за Здравство и кризниот штаб, кои ќе земат примероци од почвата и од водата од непосредна близина на засегнатото подрачје за физичко-хемиска анализа, а воедно ќе земат примероци од чешми, бунари и почва за испитување на евентуално јонизирачко зрачење, исто така во непосредна близина на засегнатите подрачја.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, вчера истакна дека примероците се анализираа и обработуваат и штом резултатите ќе бидат готови тие ќе ги споделат во јавноста.

Лекарска помош по пожарот побарале четири лица меѓу кој и директорот на Центарот за управување со кризи и сите се надвор од животна опасност. До затворање на весникот, од Министерството за здравство не информираа дали и други лица, освен четворицата, побарале лекарска помош како последица на загадувањето од пожарот во Трубарево.

 За решавање на проблемот со Вардариште прво треба да им се најде дом на повеќе од 200 луѓе

 Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ги повика сите надлежни институции поврзани со еколошка заштита, особено Министерството за животна средина и сите инспекторати и директорати, максимално да се вклучат, секој во рамки на своите надлежности, и да излезат на терен да ги посетат сите, како легални, така и диви депонии, да видат не само дали имаат дозвола за работа туку и да видат дали постапуваат во согласност со професионалните стандарди и законски утврдените правила на игра.

За депонијата „Вардариште“, Тошковски смета дека е потребно системско решение, односно луѓето треба да бидат дислоцирани оттаму и да им се најде соодветно, пристојно место за живеење.

– Тие луѓе треба да бидат дислоцирани оттаму, тој простор треба соодветно да се исчисти, отпадот што е таму, да се подигне и да се однесе на друга локација, соодветна за таков тип отпад, па потоа да се стави во рамките на оние надлежности во кои треба да биде ставен, а тоа не е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, за жал или за среќа. Треба широк и темелен институционален пристап, но, за жал, тоа не можеме да го направиме за една или две недели, или за еден или два месеца за да го решиме трајно проблемот не само со „Вардариште“ туку и со сите диви депонии. Но, пак ќе повторам, таму, во рамките на таа депонија, живеат повеќе од 200 луѓе. Додека не се реши што ќе правиме со тие луѓе, каде ќе се дислоцираат, како да им се помогне на тие луѓе со пристоен дом, овој проблем што го имаме таму секогаш ќе се јавува –  вели Тошкоски.

Тој додава  дека треба посистематски пристап за оваа депонија, која се потпалува од 2020 година па наваму.

Незадоволството расте, протестите се удвојуваат

Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ од вчера протестира два пати во денот и тоа од 07:30 часот до 08:30 часот и од 18 часот. Таа протестира со блокада на мостот „Близнаци” меѓу општините Аеродром и Гази Баба барајќи итни мерки од надлежните за загадувањето од депониите „Вардариште“ и „Дрисла“.

Незадоволството на граѓаните на Скопје не запира поради неподносливата смрдеа што се шири со денови и алармантата состојба во која се наоѓа градот.

– Овој чекор го преземаме поради немањето слух на надлежните органи за нашите барања и сè поголемото труење кое му се прави на овој народ – наведуваат од „Стоп за Вардариште“, кои изминатите денови организираа протести на истата локација само во текот на вечерните часови.

Аеродромци неколку недели алармираат за итно оградување на депонијата, обезбедување 24/7 и поставување камери за контрола, тие не се откажуваат сè додека не се преземат одредени мерки.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ