На „International Youth Music Competitions“ во Атланта, САД, таа беше најдобра и беше прогласена за апсолутен победник во категоријата. – Уште помило ми е бидејќи освоив златен медал со мојата последна изведба на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски – вели Арсовска. Таа настапи во пијано придружба на Трајче Роглев. На 13. „International Moscow Music Competition“, пак, таа го освои второто место, а ги изведе „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски…
Виолета Арсовска, сопран со богата музичка и педагошка кариера, која плени со својот моќен и емотивен вокал, неодамна постигна огромен успех на престижни меѓународни натпревари. Таа се врати од САД со златен медал, а од Русија со сребрен, и тоа во конкуренција на изведувачи од целиот свет. Интересно е што оваа позната штипска оперска пејачка го постигна успехот со изведба на македонски народни песни во аранжман на наши познати композитори.
На „International Youth Music Competitions“ во Атланта, САД, таа беше најдобра и беше прогласена за апсолутен победник во категоријата.
– Уште помило ми е бидејќи освоив златен медал со мојата последна изведба на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски – вели Арсовска.
Таа настапи во пијано придружба на Трајче Роглев.
Според жири-комисијата што ја оценуваше изведбата, нејзиниот настап бил обележан со лесен, добро поддржан тон и со стабилна вокална техника.
– Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија, што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и на вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај делата со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и со техничка стабилност – напишаа тие во својата оцена.
На 13. „International Moscow Music Competition“, пак, таа го освои второто место, а првото не беше доделено.
Арсовска настапи во возрасната категорија од 36 со 45 години. Пред строгата и еминентна интернационална жири-комисија, таа настапи со внимателно избран репертоар од македонските композиции.
– Бев единствена од Македонија како вокален солист меѓу учесниците од целиот свет, со сребрен пласман повреден и од злато. Се претставив со неколку од моите омилени дела: „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“. Благодарна сум за ова признание и мотивирана да продолжам понатаму – изјави таа по добивањето на наградата.
Инаку, сценското искуство на Виолета Арсовска вклучува настапи на значајни музички манифестации во цела Македонија, а својата љубов кон музиката им ја пренесува и на идните генерации, како професор по соло пеење и раководител на дувачкиот оддел во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип.












