недела, февруари 22, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Опцијата за „Трговска базука“ стои, потребен е „унифициран пристап“ на членките ЕУ:...

Опцијата за „Трговска базука“ стои, потребен е „унифициран пристап“ на членките ЕУ: Брисел има начини да се бори против Америка

8

Брисел има начини да се одмазди против Соединетите Американски Држави за најавеното зголемување на царините, а членките на Европската Унија треба да усвојат „унифициран пристап“ во врска со воведувањето дополнителни царини, изјави францускиот министер за трговија Никола Форизје.

Форизје изјави за „Фајненшл тајмс“ дека Париз разговара со колегите од ЕУ и Европската комисија за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп повторно да воведе царини, што следеше по пресудата на Врховниот суд на САД дека многу од царините што ги воведе врз трговските партнери минатата година се нелегални.

„Доколку стане неопходно, ЕУ има соодветни инструменти на располагање“, рече Форизје.

Францускиот функционер рече дека е прерано да се шпекулира за одговорот на ЕУ, но дека опциите вклучуваат „трговска базука“ или принуден инструмент (ACI), што би можел да влијае на американските технолошки компании.

ACI има широк спектар на овластувања – од контрола на извозот до воведување царини за услуги, како и исклучување на американските компании од договорите за јавни набавки на ЕУ.

Форисје, исто така, рече дека заканите на Трамп го зајакнуваат единството на ЕУ, но дека блокот мора да биде подготвен да возврати.

„Повеќе не смееме да бидеме наивни. Мора да ги користиме нашите алатки, а не само да зборуваме за нив. Не сакаме да бидеме зависни. Не сакаме да бидеме некаков заложник“, рече Форисје.

Во изјава на француското Министерство за надворешна трговија, која ја објавија француските медиуми, Форисје рече дека Франција, соочена со новите царински права наметнати од Трамп, сака „унифицирана реакција“ од ЕУ.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, од своја страна, вчера изјави дека сака да разговара со европските сојузници за да најде заеднички одговор за новите царински права на САД, пред средбата со Трамп во Вашингтон.

„Ќе имаме многу јасна европска позиција за тоа прашање, бидејќи царинската политика е во доменот на ЕУ, а не на земјите-членки на индивидуално ниво“, рече Мерк за каналот ARD, пред посетата, која е закажана за малку повеќе од една недела.

Европскиот парламент ќе се состане утре за да разговара за понатамошно одложување на ратификацијата на трговскиот договор постигнат со Вашингтон минатата година.

Во петокот, Трамп ја потпиша наредбата, која треба да стапи на сила на 24 февруари со времетраење од 150 дена и која наметнува „глобални“ царини од 10 проценти, за кои во саботата објави дека ќе ги зголеми на 15 проценти, со ретки исклучоци за фармацевтски производи и увоз опфатени со договорот меѓу САД, Мексико и Канада.

ИЗДВОЕНИ