Опасностите и последиците што ги предизвикуваат земјотресите треба постојано да се следат, анализираат и да се систематизираат, со што би се остварило и поефикасно справување со нив. За да се изврши што подетална нивна процена, Сеизмолошката опсерваторија извршува континуирани истражувања, особено во епицентралните подрачја Битола и Крушево, со што се одредуваат сите релевантни параметри на сеизмичноста и на потенцијалните геохазарди во овие региони.
За таа цел, делегација од Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, во рамките на проектот „Мапирање на потенцијални геохазарди, со посебен акцент врз сеизмолошки податоци“, деновиве остварија посета на Крушево и на Битола, при што ги посетија и сеизмолошките станици во овие градови и остварија средби со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и со високи претставници на општина Крушево.

На овие средби, соговорниците биле информирани за потребата од техничко подобрување и надградување на локалната сеизмолошка мрежа, а биле разгледани и можностите за активно учество на овие две општини при набавката на современа сеизмолошка опрема, што ќе овозможи подобро и соодветно следење на сеизмичноста во истражуваните региони како и на целата територија на Републиката.
– Посетата на Битола беше и можност во гимназијата „Јосип Броз” да се одржат и едукативни предавања и да се организира интерактивна работилница, со што учениците беа запознати со севкупните сеизмички истражувања на епицентралното подрачје Битола, како и со мерките за заштита во случај на земјотрес – соопштија од Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет.
Оттаму додаваат дека делегацијата на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ реализирала и теренски набљудувања на просторната поставеност на раседите од епицентралните подрачја на Битола и Крушево, на Поречко-крушевскиот расед и особено на Пелистерскиот расед, кој претставува маркантно морфолошки изразен расед.












