Опасни кучиња напаѓаат жители и убиваат животни во Отовица 

37

Жителите на населбата Отовица, Велес, повеќе од една година се принудени да живеат во страв поради три кучиња од расата американски стафорд бултериер.

До денес се регистрирани десетици напади врз домашни миленици и жители, од кои неколку лица се здобиле со тешки телесни повреди, а дел од нападнатите животни починале, укажуваат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.

Оттаму додаваат дека сите напади биле поврзани со ист сопственик – син на вработено лице во Министерството за внатрешни работи.

– Иако случаите редовно се пријавувани и документирани, МВР не презема соодветни мерки, додека Агенцијата за храна и ветеринарство реагира половично, дозволувајќи сопственикот да продолжи да ги чува кучињата – реагираат од „Анима мунди“.

Тие објаснуваат дека последниот напад се случил на 22 јуни 2025 година, кога трите кучиња влегле во приватен двор и ја растргнале мачката Арон до смрт, а кучето Бела се наоѓало во критична состојба со сериозни повреди.

– Пред една година, истиот сопственик го усмртил и претходниот миленик на истата фамилија. Дополнително, жртвите што го пријавиле случајот, биле обвинети за наводни закани за живот од страна на сопствениците на кучињата, што претставува сериозен обид за заплашување и пренасочување на вината – наведуваат од „Анима мунди“.

Од Здружението прашуваат: Зошто не реагира МВР и покрај бројните пријави? Дали молчат поради „татини синови“? Зошто Агенцијата за храна и ветеринарство, покрај многубројните наведени случаи до неа, не постапила согласно со закон, туку овозможила да се вратат кучињата назад кај сопственикот, за кој било повеќе од очигледно дека не е способен да се грижи одговорно за нив? И до кога ќе се премолчуваат случаите за очигледна негрижа и закана за јавната безбедност?
При тоа, бараат Агенцијата за храна и ветеринарство да постапи итно, да ги одземе кучињата и да изрече забрана за чување миленик од страна на неодговорниот сопственик, а МВР да поведе постапка за загрозување на безбедноста, да се обезбеди еднаква примена на законот, независно од службената положба и врските на сторителите.

– Жителите на Отовица заслужуваат безбедност, правда и институции што работат во интерес на граѓаните – не по нарачка – сметаат од „Анима мунди“.

 

 

ИЗДВОЕНИ