Пет лица се хоспитализирани, а најмалку 20 се заболени, вклучувајќи и 13 мали деца, од редок тип на бактерија која предизвикува дијареја, соопштија британските служби.
Случаите на зараза не се ограничени на одредено подрачје во Велика Британија, туку се пријавени низ земјата. Изворот на зараза сè уште не е откриен, но сомнежот е на сезонско овошје, соопштија надзорните органи за здравје и безбедност, пренесе „Дејли мејл“.
Претходно сојот познат како салмонела саинтпаул, бил поврзан со епидемија од 2023 година, која вклучуваше увезени дињи. Тогаш беа заразени повеќе од 90 луѓе.
-Во моментов нема докази дека изворот на оваа епидемија е диња, рекоа надлежните.
Салмонела е група бактерии кои ги инфицираат цревата на домашните животни и обично влијае на месото, јајцата и живината. Предизвикува треска која трае неколку дена, но исходот може да биде и фатален.