четврток, февруари 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Опасен отпад ги загрозил околината и здравјето на граѓаните: Обвинение за пожарот...

Опасен отпад ги загрозил околината и здравјето на граѓаните: Обвинение за пожарот на дивата депонија во Визбегово

85

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинение против тројца и една фирма за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, од Кривичниот законик. Обвинението се однесува на пожарот што избувна на дива депонија во скопско Визбегово, на 9 јули минатата година.

Според Обвинителството, во периодот од 28 февруари до 9 јули 2025 година, обвинетите незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад на парцела во Визбегово, без да поседуваат соодветна дозвола од Министерството за животна средина. Станувало збор за отпад што содржел супстанции со својство на експлозивност, запаливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност, што претставувало сериозна закана за животната средина и за безбедноста на луѓето.

Поради обемот и опасноста, пожарот долго време не можел да биде ставен под контрола, при што изгорел дел од непрописно складираниот отпад. Како последица, дошло до значително загадување на воздухот, што било потврдено и со мерењата на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана при Армијата.

Од Обвинителството информираат дека со истрагата е утврдена одговорност кај сопственичката и управителка на фирмата, која, заедно со второобвинетиот, со умисла ги презела незаконитите дејства. Поднесено е обвинение и против уште една сопственичка на друштвото и парцелата, која не била свесна за можните штетни последици, иако, според околностите, била должна и можела да биде свесна за опасноста.

Дивата депонија се наоѓа во близина на селото Визбегово, а по избувнувањето на пожарот минатото лето, густиот црн чад беше видлив од речиси сите делови на градот, а здравствените власти препорачаа жителите да ги затворат прозорците. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ