недела, јули 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Опаѓа популацијата на видрите

Опаѓа популацијата на видрите

931

Иако видрата е строго заштитен вид во Македонија, постојат индикации дека нејзината популација е во опаѓање. Според Македонското еколошко друштво (МЕД), главните причини за тоа се уништувањето и деградацијата на живеалиштата, загадувањето на водите, намалувањето на рибниот фонд, изградбата на мали хидроцентрали и криволовот.

– Особено е важно континуирано да се следи состојбата на популацијата на видрите, но и да се зачуваат крајбрежните и водните живеалишта од кои зависат тие. Со заштитата на видрите, ние не заштитуваме само еден вид – ги чуваме водите, природата и нашата заедничка иднина. Кога ги чуваме видрите, ја чуваме и Преспа – нагласуваат од МЕД.

Инаку, од МЕД објаснуваат дека видрите се исклучително интересни и важни цицачи, кои сѐ почесто се соочуваат со сериозни закани поради деградацијата на водните и влажните живеалишта.

Во Македонија, видрите се среќаваат покрај поголемите реки, езера и водни екосистеми, вклучително и покрај крајбрежјето на Преспанското Езеро, каде што нивниот опстанок е тесно поврзан со достапноста на храна (пред сѐ риба) и рипариска вегетација која им обезбедува засолниште и простор за живот.

Како што велат од МЕД, нивните активности за мониторинг на биолошката разновидност во Преспа се поддржани преку проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.

 

ИЗДВОЕНИ