Новите типови паркинг-карти што се достапни на веб-страницата www.poc.mk, како што се мултинеделната и гостинската паркинг-карта, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користењето на паркинзите во Општина Центар, можат да се користат за паркирање на паркинзите со кои стопанисува ЈП „Паркинзи на Општина Центар“(ЈП ПОЦ).
Од ЈП ПОЦ информираат дека мултинеделната паркинг-карта се купува онлајн, без потреба од физичко присуство на шалтер.
– Оваа карта важи седум дена и овозможува паркирање на сите комерцијални паркиралишта од отворен тип, во зоната 1 и во зоната 2. Воведени се и гостински паркинг-карти, наменети исклучиво за жителите на Општина Центар со активен кориснички договор. Тие им овозможуваат на жителите полесно да им обезбедат паркинг-место на своите гости. Овие карти важат и за комерцијалните и за резидентните отворени паркиралишта во секторот каде што живее корисникот – појаснуваат од ЈП ПОЦ.
Оттаму додаваат дека најнова услуга што ја вовело претпријатието е онлајн плаќањето со платежна картичка, без потреба од најава, апликација или регистрација.
– На информативните табли на паркинзите е поставен QR-код и директен линк што води до страницата за плаќање, со што процесот е едноставен, брз и достапен за сите корисници – велат од центарското претпријатие.
Директорот на претпријатието, Душко Коцевски, наведе дека со воведувањето на новите типови паркинг-карти, како мултинеделната и гостинската, им се овозможува на граѓаните да имаат поголема контрола и удобност при користењето на паркинг-услугите на ЈП ПОЦ.
– Целта ни е системот да биде практичен, дигитален и приспособен на реалните потреби на жителите на Центар – истакна Коцевски.
За подобро информирање на граѓаните за новитетите во ЈП ПОЦ и за зголемување на достапноста на услугите, беше реализирана информативна акција во населбата Капиштец, пред ТЦ „Беверли Хилс“, во рамките на која на граѓаните им беа поделени информативни материјали и производи.






