Онлајн наставата им го продолжи школувањето на децата што се лекуваат

76

Во првото полугодие од учебната 2025/2026 година, вкупно 35 деца кои речиси постојано се лекуваат во болница успеале да бидат вклучени во наставата, информираше министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Оваа учебна година започна да се применува нова системска мерка што на учениците кои отсуствуваат повеќе од три недели поради здравствени причини им овозможува да не го прекинат образованието – да следат онлајн настава во живо со своите другарчиња, да добиваат материјали и задачи од наставниците или, доколку нивната состојба тоа го налага, да имаат индивидуална адаптирана настава.

„Исправивме една голема неправда – да не се дозволи болеста да им го запре образованието на децата,“ истакна Јаневска. Таа појасни дека за оваа цел биле обучени над 160 наставници во 83 училишта, подготвен е прирачник со јасни инструкции за работа и водена евиденција, а од училиштата и родителите пристигнуваат исклучително позитивни реакции.

За решението и неговата реализација  зборуваа и директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, претседателката на САНО, Марија Вук, и психотерапевтката Маја Георгиева-Павловски, кои потенцираа дека оваа мерка носи огромно олеснување за децата што се борат со болести, но и за нивните семејства.

„Секогаш ќе има деца кои ќе се соочуваат со здравствени предизвици и никој не смее да биде изолиран од наставата,“ порача министерката, истакнувајќи дека и учениците и родителите треба да бидат навреме информирани за ова право. Изготвена е и брошура со сите упатства, а наставниците се оние што први треба да ги потсетат семејствата дека физичкото отсуство не смее да значи и образовен застој.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ