Онлајн дуел меѓу Груевски и Заев

0

Експремиерите Никола Груевски и Зоран Заев влегоа во жестока онлајн-препирка на Фејсбук.

Двајцата меѓусебно се обвинуваат за корупција, бизнис интереси и политичка дволичност за теми како што се златната виза во Дубаи, врските со Русија и афери од времето на кризата со коронавирусот.

Груевски ги обвини Заев и Филипче дека  „едно зборуваат дома, друго прават надвор“. Никола Груевски тврди дека за добивање на златна виза е потребна инвестиција од најмалку 550.000 долари, сума која, според него, Филипче не можел да ја заработи само од лекарска плата, и притоа побара од Филипче да покаже документи дека златната виза во Дубаи ја добил како лекар, а не како содружник во фирми поврзани со Заев.

Груевски го нападна и Заев за наводни бизнис врски со руски компании, иако јавно ги поддржувал западните санкции кон Русија.

Дополнително, го потсети на аферата од времето на ковид-кризата, кога, според него, Заев и Филипче се обидувале да набават вакцини од Кина преку сопствена фирма за препродажба.

Заев не му остана „должен“ и напиша:

„Никола, тебе навистина ти е досадно, нели?! Можеше да ја одлежиш казната и да покажеш достоинство, наместо да пишуваш епопеи од бегство“, му порача Заев на Груевски во објава на Фејсбук, притоа додаде и саркастично прашање: „Никола, научи ли гулаш да правиш?“

Заев заврши со порака дека Македонија е „полноправна членка на НАТО“ и дека нема никакви врски со Русија: „Јас жеден да сум, Русија капка вода нема да ми даде, а камоли бизнис.“

ИЗДВОЕНИ