Онкологот Мери Пешевска, вработена на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, на судењето за случајот со несоодветното лекување пациенти, ја призна вината. Пешевска, пред Судот рече дека за седумтемина пациенти за кои е обвинета не е сигурна дека таа ја продолжувала терапијата зашто, како што рече, нејзиниот печат во тој период го оставала на шалтер, а тоа го направила со цел пациентите да не чекаат.
– Совесно и одговорно тврдам дека мојата лозинка во системот и печатот сум ги оставила на шалтер и ги користеле практиканти и ја прифаќам вината, изјави Пешевска, која заедно со поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и уште двајца онколози се обвинети за несовесно лекување пациенти.
Претходно пред Судот, поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, рече дека не се чувствува виновен.
– Не, апсолутно не, одговори Васев, на прашање од Судот дали се чувствува виновен за кривичните дела кои му се ставаат на товар.
Обвинителката Гоговска-Јакимовска најави дека пред Судот ќе изнесе докази дека првообвинетиот Васев свесно и систематски постапувал спротивно на основните начела притоа предизвикувајќи тешко нарушување на здравјето на пациентите.
– Здравиот има многу желби, а болниот само една, а тоа е да оздрави. Болните и нивните семејства имале доверба во обвинетите дека ќе ја добијат потребната терапија и нивното здравје нема да биде нарушено, изјави обвинителката во воведен говор во случајот „Онкологија“.
Обвинетите лекари, според Обвинителството, давале терапија надвор од дозволената, неправилно дозирање лекови…
– Со постапување спротивно на стручно утврдени постапки, без соодветно конзилијарно мислење… давале неподобни терапии често со несоодветна доза, кои биле не само неефективни туку и штетни. Ќе докажеме дека не се изолирани грешки, туку образец на несоодветно постапување што резултирало со штета по животот на пациентите. Ќе покажеме дека не ги почитувале професионалните обврски, туку дејствувале со очигледна несвесност и неодговорност. Ваквите нивни дејства не биле само пропуст, туку биле со криминални последици. Ќе бараме правдата да биде задоволена во име на законите, пациентите и хуманоста, порача обвинителката.
Во судницата беа присутни и останатите двајца обвинети, вработени на Клиниката, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети несоодветни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.
Судот планира на секое од рочиштата да бидат повикани по пет сведоци, роднини на починатите пациенти од рак на кои им била ставана несоодветна терапија.
Против екс-директорот Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од преку 2,2 милијарди денари на државниот буџет. (П. А.)