Реформската партија (Reform UK) вети дека ќе им забрани на луѓето да гласаат доколку не зборуваат доволно добро англиски за да ги разберат изборните правила.
Претседателите на избирачките места ќе бидат овластени да одбијат да издадат гласачко ливче доколку оценат дека гласачот не е во можност да го разбере „процесот на гласање или јазикот“.
Оваа мерка е еден од неколкуте амандмани на владиниот предлог-закон, поднесени од Дени Кругер, функционер на „Реформ УК“ (Reform UK) – партијата предводена од Најџел Фараж.
Преку предложените мерки, партијата исто така има за цел да се справи со „семејното гласање“ – практика при која членови на семејството влегуваат во гласачката кабина заедно со гласачот или се обидуваат да влијаат врз неговиот избор.
Според амандманот, во гласачката кабина би било дозволено присуство на најмногу едно лице во даден момент. Гласачите што би го прекршиле ова правило, обидувајќи се да ги советуваат членовите на семејството за кого да гласаат, би можеле да се соочат со неограничена парична казна или со затворска казна во траење до шест месеци.
„Реформ УК“ исто така се залага за забрана политичките партии да објавуваат изборни летоци на јазици што не се мајчини јазици на Британските Острови, за укинување на правото на глас на граѓаните на Комонвелтот, како и за ограничување на гласањето по пошта само на лицата кои не се во можност лично да го посетат избирачкото место.
„Промени за спас на демократијата“
Кругер изјави за „Телеграф“ дека британската демократија „системски се урива“ со секои нови избори и оцени дека изборниот систем на земјата – кој некогаш бил „предмет на восхит во светот“ – сега е под притисок поради неконтролираната имиграција.
Тој наведе дека, во одредени делови од земјата, изборите станале поврзани со „странски конфликти и секташки интереси“, наместо со она што е најдобро за Велика Британија.
Предложените измени се однесуваат на Законот за претставување на граѓаните. Со оваа законска регулатива, владата планира да ја намали старосната граница за гласање на 16 години и дополнително да ги ограничи донациите за политичките партии.
Според предлогот на партијата „Reform UK“, раководното лице на избирачкото место би требало да процени дали гласачот го разбира процесот на гласање и дали се почитува забраната за семејно гласање.
Доколку службеното лице утврди дека гласачот не го разбира процесот – на пример, поради недоволно познавање на англискиот или велшкиот јазик – би можело да одбие да му го издаде гласачкото ливче.
Гласачот би имал рок од 48 часа по затворањето на избирачките места да поднесе жалба.
Од „Reform UK“ тврдат дека овие мерки би помогнале да се спречат „принудата и контролата“ за време на гласањето.
Предлогот доаѓа по истрагата на полицијата во Западен Мидлендс во врска со наводите дека семејното гласање влијаело врз локалните избори во Бирмингем во мај. Полицијата составила внатрешен извештај во кој се документирани повеќе од 50 инциденти, вклучувајќи случаи во кои гласачи вербално ги нападнале службените лица кои се обидувале да спречат членови на семејството да влијаат еден врз друг.
Во еден случај, мајка го искинала своето гласачко ливче и го фрлила кон раководното лице откако ѝ било кажано дека не смее да влијае врз гласот на нејзината ќерка.
Reform’s Danny Kruger says some problems of British democracy are “the consequence of 25 years of mass migration”.
“What we need to end is the sectarian and often ethnic divisions within our country that are exacerbated by people being allowed to campaign in foreign languages.” pic.twitter.com/R154Cz1Tvk
— Times Radio (@TimesRadio) August 28, 2026












