Со добивањето на лиценцата за 5Г-радиофреквенциски спектар од Агенцијата за електронски комуникации, „ОНЕ Македонија“ започнува ново поглавје на домашниот телекомуникациски пазар. Новиот оператор најавува постепено ширење, зголемена конкуренција и инвестиции во сопствена автономна мрежа, со очекувања за подобри услуги и пониски цени за корисниците. Инаку, третиот мобилен оператор допрва ќе достави барање со предлог до АЕК, од каде треба да му биде одобрен повикувачкиот префикс.

„ОНЕ Македонија“ и официјално доби лиценца за користење на 5Г-радиофреквенциски спектар од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), со што ќе започне со работа како трет мобилен оператор во државата. Компанијата првично ќе обезбедува услуги на територијата на Скопје, користејќи ја мрежата на постојните два мобилни оператора преку национален роаминг, сè додека не ја изгради сопствената инфраструктура.
Одобренијата од тендерската постапка беа врачени од страна на директорот на АЕК, Јетон Акику, на Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „ОНЕ Македонија“ и директор за стратегии во Групацијата 4иГ, потоа на Бране Ѓуровиќ, извршен директор на „ОНЕ Македонија“, како и на Габор Алтман, заменик-извршен директор во компанијата.
Пал Заранди изрази очекување дека новиот оператор ќе оствари значаен удел на телекомуникацискиот пазар и ќе придонесе кон развој на конкуренцијата.
– Со спроведениот транспарентен и структуриран процес на тендерот се испраќа јасен сигнал дека Македонија е посветена на фер конкуренција, долгорочни инвестиции и развој на доверливи дигитални инфраструктури – изјави Заранди.
Тој нагласи дека „ОНЕ Македонија“ има јасна стратегија за изградба на сопствена автономна мрежа, со што компанијата ќе стане целосно независна од другите оператори.
– За да бидеме целосно независни потребно е време, поради што во почетната фаза ќе ја користиме мрежата на конкурентите преку национален роаминг. Прво ќе ја лансираме мрежата во Скопје, а потоа и на територијата на целата држава – рече Заранди, додавајќи дека компанијата ќе соработува со „Ериксон“ и ќе се придржува до сите законски прописи за користење безбедна телекомуникациска мрежа.
Од Агенцијата за електронски комуникации информираа дека „ОНЕ Македонија“ на 14 јануари го уплатила еднократниот надомест во износ од 8.020.003 евра, со што ги исполнила сите услови за добивање на трите одобренија за користење радиофреквенции.
Според обврските утврдени во лиценцата, новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да обезбеди 5Г-покриеност во најмалку еден град. До крајот на 2028 година, 5Г-сигнал треба да има непрекинато покривање по главните транспортни коридори во согласност со договорот за транспортна заедница, додека до крајот на 2030 година 5Г треба да биде достапен во сите градови во државата.
До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г-мрежа со минимална брзина од најмалку 100 Mbps.
Процесот за воведување трет мобилен оператор започна минатата година, откако Групацијата „Фор-ај-Џи“, преку својата подружница „ОНЕ Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година официјално достави писмо за намери до АЕК, изразувајќи интерес за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.
По јавната расправа што АЕК ја отвори на 22 април 2025 година и распишувањето на јавниот тендер во јули истата година, „ОНЕ Македонија телекомуникации“ беше единствениот квалификуван понудувач. Одлуката за избор на најповолен понудувач беше донесена на 12 јануари годинава, со што официјално беше заокружен процесот за влез на трет мобилен оператор во државата.
Инаку, третиот мобилен оператор допрва ќе достави барање со предлог до АЕК, од каде треба да му биде одобрен повикувачкиот префикс.
(С.Бл.) – Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ












