Она што за претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е приватна комуникација, за Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција е службена тајна. По писмото до јавноста, кое го испрати првата антикорупционерка, а во кое објаснува дека со обвинетиот Небојша Стојановиќ, се допишувала приватно, од обвинителството за весникот ВЕЧЕР велат дека во предистражната постапка семејните и пријателските комуникации не ги земаат предвид, а во случајот со Димитровска не се работи за таков тип на комуникација, туку, напротив, за одавање на службени информации од предмети во работа на ДКСК.
Од Обвинителството за организиран криминал не прецизираат од кој телефон, службениот или приватниот, осомничената разменувала информации бидејќи нејзините телефони се дадени на вештачење како доказ во постапката. Дека станува збор за издавање на службена тајна, обвинителството открило по анализата на пораките на телефон од еден од обвинетите во случајот „Адитив“. Сè уште актуелната претседателка Димитровска во објавата до медиумите вели дека нејзината комуникација со обвинетиот- поранешен директор на ТЕЦ Неготино, престанува со неговото притворање за криминалите тешки над шест ипол милиони евра, односно во декември лани. Сепак, таа знаела дека обвинителството веќе има отворено предмет и поради тоа една од двете пријави, поврзани со криминалите во ЕСМ, била отфрлена од ДКСК.
Во Комисијата се проверува имотот на семејниот пријател на Димитровска, а таа со оглед на мерките за претпазливост, кои ѝ ги одреди судот нема право да гласа за одлуката. Додека јавноста беше во очекување на нејзина оставка од функцијата, таа бара да ѝ се почитува пресумпцијата на невиност, а на институцијата која ја преставува да не ѝ се оспорува кредибилитетот.
Двете најголеми парламентарни партии деновиве изјавија дека не планираат да бараат разрешување на Димитровска, која при изборот пред две години ѝ дадоа најмногу поени. Од владејачката партија велат, ако кој било функционер е опфатен со кривична истрага, нема да биде толериран. „Ќе почекаме да видиме како ќе се изјаснат и другите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, (ДКСК), но таквото однесување каде што некој актуелен функционер е под истрага за сторено кривично дело, нема да го толерираме“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија, пак, ќе го чека исходот од постапката која Јавното обвинителство ја води против Димитровска. Од тоа ќе зависеле и нивните следни чекори. „Најсоодветно е прво да видиме што ќе покаже истрагата. Ја почитуваме пресумпцијата на невиност и внимателно ги следиме сите информации досега. Врз база на тоа ќе носиме понатамошни одлуки“, изјавија од СДСМ за случајот со Антикорупциска. Според Законот за спречување на корупција, претседател или член на комисијата се разрешува ако тој е осуден на затвор повеќе од шест месеци, неоправдано отсуствува од работа, ги прекрши правилата за спречување судир на интереси, или ако е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност.
И од министерството за правда, каде што во минатото во времето на поранешната министерка Рената Дескоска имало формирано работна група за нов модел на ДКСК, не размислуваат за законско решение во насока на поголема контрола врз работењето. „Сите членови и претседателката на ДКСК одговараат пред Собранието. Доколку има предлози за законски измени, ќе ги разгледаме и ќе отвориме расправа за нив“, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за правда.
Додека се чека Основниот суд во Скопје да го оцени обвинителниот акт за случајот „Адитив“, најверојатно последно осомничените опфатени во предметот во кои е и Димитровска ќе бидат дел од истото.
Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември лани, по опсежна акција на полицијата и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а беше проширена на два пати. Вкупниот број на осомничени поврзани со криминалите во ЕСМ со последните опфатени е 34 физички и пет правни лица. Меѓу опфатените во предметот се и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, како и неговиот претходник на функцијата, Васко Ковачевски, кој се наоѓа надвор од државата и по кого е распишана меѓународна потерница. Криминалите ги правеле преку доделување на милионски тендери за адитиви за потребите на двата РЕК-а, на блиски или фирми со прикриена сопственост на првоосомничените. (П.А.)