Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон сè уште се бори да се прилагоди на животот во Ферари, а беше критикуван и од поранешниот возач на Формула 1, Ралф Шумахер, кој го обвини за „премногу драматизирање“.
Хамилтон го напушти Мерцедес на почетокот на 2025 година по 12 сезони и шест титули за да го оствари својот сон да вози за Ферари и да се обиде да освои осма шампионска титула. Но, прилагодувањето се покажа потешко од очекуваното. По лошата трка во Унгарија, Британецот се нарече себеси „бескорисен“, што Шумахер верува дека имало негативно влијание и врз него и врз тимот.
- Реков пред сезоната дека ова може да тргне наопаку. Она што го гледаме од Луис е театарска претстава. Тој го критикува тимот, се расправа со болидот. Тоа никому не му помага. Можеби е премногу стар за да се прилагоди, можеби едноставно не може да се справи со ситуацијата. Но, не мислам дека ќе се откаже на средина од сезоната, изјави Ралф Шумахер за „Билд“.
Шефот на Ферари, Фред Васер, исто така, коментираше за ситуацијата, признавајќи дека и тој и Хамилтон ја потцениле тежината на транзицијата.
- Луис помина речиси 20 години во иста средина, прво со Мекларен, а потоа со Мерцедес. Промената во културата, луѓето, софтверот и билидите беше огромна. Можеби ја потценивме, но последните четири или пет трки покажуваат дека тој се враќа во ритам, смета Васер.
Хамилтон моментално е шести во генералниот пласман кај возачите со 109 бода, додека неговиот тимски колега Шарл Леклер го држи петтото место со 152 бода.