
Израелслата влада покажа јасна намера да воспостави трајна контрола врз Газа и да обезбеди еврејско мнозинство на окупираниот Западен Брег, соопшти комисија на Обединетите нации во денешниот извештај, пренесе „Хина“.
Извештајот на ОН детално опишува како израелските власти сеопфатно и систематски уништиле цивилна инфраструктура во коридорите и тампон-зоната на Појасот Газа, што резултирало со проширување на израелската контрола над 75 проценти од Појасот Газа до јули оваа година. „Израелските сили, исто така, намерно ја изменија географијата на Газа со создавање воени коридори, проширување на граничната тампон-зона и воспоставување безбедносни зони“, се вели во извештајот на Независната комисија на ОН за истрага на окупираната палестинска територија.
Израел продолжува да тврди дека не води војна против народот на Газа, туку против милитантната група Хамас, чии борци го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи ја војната, а израелската мисија во Женева ги отфрли наодите од извештајот. „Хамас има геноцидни намери кон Израел, извештајот прикажува искривена слика. Комисијата не пропушта можност да го разоткрие неговиот вистински карактер и политички мотивирана агенда“, се вели во неа.
Комисијата, исто така, откри дека од октомври 2023 година, израелските политики покажаа јасна намера за насилно преселување на Палестинците, проширување на еврејските населби и анектирање на целиот Западен Брег. „Сè почестите насилни напади на доселениците резултираа со насилно раселување на заедниците и последователна јудаизација на области на Западниот Брег“, се вели во извештајот.
Комисијата, исто така, ги истакнува воените операции во бегалските кампови Џенин, Тулкарем и Нур Шамс, што резултираше со уништување на домовите и инфраструктурата и раселување на жителите, што Комисијата го смета за воено неоправдано и претставува колективна казна.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно изјави дека операцијата значително ја намалила заканата од палестинските вооружени групи. Во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври загинаа 1.200 луѓе, а 251 беа киднапирани. Оттогаш, Израел уби повеќе од 65.000 луѓе во Газа, додека глобалната агенција за следење на гладот вели дека дел од енклавата страда од глад.