По концертот во „Музикферајн“ во Виена, оркестарот на Македонската филхармонија се враќа на својата матична сцена, на која утревечер, со почеток во 20:00 часот, ќе настапи заедно со македонскиот кларинетист Васко Дуковски и со диригентот Марк Кадин од Украина. На програмата се суитата „Музички вечери“ од Бенџамин Бритн, Интродукција, Тема и варијации за кларинет и оркестар од Џоакино Росини и Симфонија бр. 41 во це-дур, К.551 – „Јупитер“ од В.А. Моцарт.
Васко Дуковски е македонски кларинетист, композитор и педагог од исклучителен светски уметнички калибар. Настапува во големите концертни сали во светот, од Њујорк до Шангај. Како истакнат педагог, тој моментално е специјално назначен професор по кларинет на Универзитетот за уметности во Нанџинг, во Кина. Има предавано на Квинс колеџ, Џулијард, на летниот камп „Усдан“ и е чест гостин уметник на многубројни меѓународни фестивали, одржувајќи бројни мастер часови и предавања. Како динамичен изведувач, композитор и импровизатор, Дуковски е страстен застапник на современата и на експерименталната музика.
Изведбите на Марк Кадин, пак, се опишани како „маѓепсан дијалог меѓу умот и емоциите“ („Декрешендо“), „…не само концерт туку трансформативно искуство“ („Ел Универзал“). Со огромен репертоар, кој ги опфаќа класичната, романтичната и современата музика, маестро Кадин има диригирално на сцените во светот, а во сезоната 2024/2025 изведува ремек-дела од Шостакович, Прокофјев, Сибелиус, Брамс, Шопен, Лист, Дебиси, Гершвин, Мијо, Чајковски, Римски-Корсаков, како и Моцартовиот „Реквием“ и Орфеовата „Кармина Бурана“. Од 2023 година е музички директор на Филхармонијата во Керетаро, оркестар со голема традиција во Мексико, кој оваа година ја одбележува својата 33. сезона.












