“Охрид-фест 2025“ – Оливер Мандиќ награден за трајни вредности, за безвременскиот хит „Питају ме, питају“ – Популарните музички имиња, овој август, на сцената на 32. фестивалско издание

512

Мандиќ се сеќава дека последното пеење во Охрид му било пред повеќе од 30 години. Во тоа време, пееше и во Скопје, на концерт што му беше посветен на Тоше Проески. – Пеевме песни наменети за ангелот Тоше, а  во соработка со одличните браќа Тавитјан и со популарната пејачка од Белград, драгата Беби Дол, вели Оливер

На големо се крчка годинашното издание на меѓународниот музички фестивал „Охридски трубадури – Охрид-фест 2025“. На сцената на овој фестивал, на преубавиот Долни Сарај, за овие 32 години настапија огромен број естрадни ѕвезди: Калиопи, Дадо Топиќ, Мики Јевремовиќ, Горан Каран, Неда Украден, Зорица Конџа, Биба Додева, Тоше Проески, Срѓан Марјановиќ, Јасмин Ставрос, Бојан Маровиќ, Владо Калембер, Сања Долежал со „Нови фосили“, Ристо Самарџиев, „Bony M”, Маја Оџаклиевска, Гоца Тржан, Јелена Томашевиќ… а, ова лето и Оливер Мандиќ.                                                       Тој е, исто така, голема музичка ѕвезда од поранешните југословенски простори. За сите познавачи и љубители на музиката, неговиот настап претставува ретко пријатно изненадување. Иако не е со баш најдобро здравје по операцијата на `рбетот, овој вонсериски музичар не ја пропушта можноста да пее пред охридската публика, која мошне добро го памети.

Српскиот кантавтор Оливер Мандиќ ќе биде гостин на фестивалот „Охрид-фест 2025“, на Интернационалната вечер, која ќе се одржи на 30 август, на сцената на Долни Сарај. Воедно, тој ќе ја добие наградата за трајни вредности, за својот голем музички хит – „Питају ме, питају“. Со таа песна, тој победи на интернационалниот фестивал „Месам“ во Белград, во 1984 година, во познатиот „Сава центар“.

Од премиерата на споменатиот хит поминаа четири децении, а тој сè уште се слуша на многубројните забави и концерти. Мандиќ потенцира дека требало да настапи на „Охрид-фест“  минатото лето, но дека не дошол поради операцијата. Ова лето доаѓа, како што вели на шега, со брзи чекори.  – Верувајте ми дека како дете се радувам за моето доаѓање во Охрид и за мојот настап на охридскиот фестивал. Многу го сакам Охрид, тој ми е како да сум некаде на море. За фестивалот постојано слушам најубави зборови од моите колеги. Многу му благодарам на директорот Григор Копров, кој ме покани. Се надевам дека ќе имаме одлична охридска дружба – вели радосно Оливер Мандиќ.

Мандиќ се сеќава дека последното пеење во Охрид му било пред повеќе од 30 години. Во тоа време, пееше и во Скопје, на концерт што му беше посветен на Тоше Проески.

– Пеевме песни наменети за ангелот Тоше, а во соработка со  одличните браќа Тавитјан и со популарната пејачка од Белград, драгата Беби Дол. Тогаш настапија многу познати имиња, почитувачи на Тоше. Бевме една многу добра екипа: јас, Јелена Томашевиќ, Есма, Аки Рахимовски, Калиопи, Бојан Маровиќ, Борис Новковиќ, Тони Цетински…

Фестивалот „Охрид-фест – Охридски трубадури“ помпезно почнува на 29 август, со распеаната Фолк-вечер, на која, меѓу другите, ќе пеат: Благоја Грујовски, Нино Величковски, Сузана Спасовска, Ибуш Ибраимовски, Благица Павловска, Наум и Зуица, Перо Христов, Ленче и Горан Кукиќ, Блага Петреска, Сузана Гавазова… додека во забавната, Интернационална вечер ќе настапат и: Принц од Врање (годинашниот српски евровизиски претставник), црногорскиот поп-пејач Бојан Маровиќ, Бојана Скендеровски, Ана Петановска, Андријана Јаневска, Сашо Гигов-Гиш, Блаж Маротов… Двете фестивалски вечери ќе бидат пренесувани на фреквенцијата на МРТВ, како и на неколку балкански телевизии. Традиционално, водителка ќе биде добро познатата и омилената Ирена Спировска.

Инаку, минатото лето, на овој фестивал победи пејачот од Србија, Немања Радошевиќ, со певливата песна „Јутра без тебе“, која потоа стана многу слушана. Која песна и кој пејач ќе бидат летен хит оваа година? Да се стрпиме до почетокот на „Охрид-фест 2025“.

(Д. М.) фото: архива

 

ИЗДВОЕНИ