Цените за изнајмување сместувачки капацитети за Олимписките игри во 2028 година, во Лос Анџелес, се моментно за 40 проценти повисоки од вообичаеното и се очекува да растат уште повеќе.
Хипердинамичниот американски претседател, Доналд Трамп, објави дека Олимписките игри во Лос Анџелес ќе бидат најдобрите досега, за што формираше специјална работна група. Свесни дека тие Игри ќе бидат нешто особено, бидејќи Америка сака да биде подобар домаќин од последните пет (Франција, Јапонија, Бразил, Англија и Кина), богатите бизнисмени, а, исто така, и шминкерите од белиот свет, веќе размислуваат каде ќе бидат сместени во текот на тие „холивудски“ Игри.
Исто така, пред помалку од три години, некој веќе презел мерки, па со џепарлак од милион долари издвоил 2,5 милиони американски долари за да има атрактивен сместувачки капацитет. Станува збор за „вила“ (резиденција) што се простира на 3.750 квадратни метри и содржи девет спални соби, четири кујни, фитнес-сала, спа-центар, кино, терен за пикбол, кошаркарски терен и персонал од три домаќинки. Клиентот веќе го изнајмил овој сместувачки капацитет за периодот од јануари до август 2028 година, за 300.000 долари месечно или вкупно 2,4 милиони долари.
Цената е вртоглава, но на тој начин може да „заштедите“, бидејќи, како што се приближуваат Игрите, цените сигурно ќе растат. Впрочем, агенцијата што го изнајмила овој имот ќе ги покрие комуналните трошоци, кои, кога ќе се вклучат греењето и одржувањето на базенот, изнесуваат 25 илјади долари месечно.
Ценовниот опсег на компанијата „LudzhJB“ започнува од 1.900 долари за ноќ за помалите вили со пет спални соби до 150.000 долари месечно за поголемите вили.
Патем, споменатата компанија поседува 14 резиденции во Лос Анџелес и во неговата околина, вклучувајќи ги Беверли Хилс, Холивуд Хилс и Западен Холивуд. Три од нив се веќе резервирани за Олимписките игри – не само за 16 дена од Игрите, туку и за поголемиот дел од годината.
- Ако сте национален олимписки комитет на една земја, дефинитивно ќе сакате да бидете во Лос Анџелес неколку недели или дури и месеци пред тоа ако се подготвуваат вашите спортисти таму. Ако сте големо спортско име, дефинитивно ќе сакате да бидете во Лос Анџелес дури и пред јули 2028 година – изјави Хенк Старк, основачот на компанијата која ја споменуваме и која се занимава со изнајмување ултралуксузни сместувачки капацитети.
Старк, исто така, истакнува дека за спортските суперѕвезди што се натпреваруваат или за оние што само сакаат да бидат набљудувачи, ваквото изнајмување има смисла.
- Не можете да го ставите Кристијано Роналдо во хотелска соба опкружена со странци. Тој е најскапиот спортист на светот и мора да има посебен третман – вели Старк, чија компанија веќе изнајмила девет од своите 14 луксузни вили за следното лето, кога ќе се играат осум натпревари од Светското првенство во Градот на Ангелите, на стадионот „Софи“.