Со неколку рекорди и еден светски младински рекорд стартуваше Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје. По тој повод, но и поради тоа што цела Македонија живее во ритамот на спортот и покрај горештините, беше одржана прес-конференција во која свое обраќање имаа првиот човек на МОК, Даниел Димевски, министерот за спорт, Борко Ристовски, како и претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Капралос.
- Скопје и Куманово го живеат својот олимписки сон. Токму тоа што сакавме да го доловиме, да го донесеме во нашата држава, се случи и полека тој олимписки дух сите почнуваме да го дишеме, бидејќи секој ден кога ќе излезете низ улиците во нашиот град, ќе видите многу бои, сите бои на Европа, многу насмеани лица, весели, со многу позитивна енергија… Сето тоа ќе остане како прекрасен спомен за сите нас. Најважното од сè се спортистите, кои веќе го живеат својот олимписки сон. Ќе имаат шанса да се натпреваруваат или веќе се натпреваруваат со најдобрите, едно искуство кое трае за цел живот. Единствен начин да бидеме најдобри е да се натпреваруваме со најдобрите. Таа можност ја имаме тука, ја имаме сега, и ќе остане големо наследство за идните генерации. Првпат имаме најбројна делегација (203 члена од кои 181 спортист), првпат ни се случи да бидеме горди што имаме толку млади, амбициозни спортисти кои даваат сè од себе, првпат ни се случува да почнуваме да освојуваме резултати со кои, се надевам дека и ние, ќе се запишеме како најдобри во одреден спорт, да освоиме барем медал, веќе падна првиот национален рекорд во пливање, а воедно целиот настан беше отворен со еден прекрасен настап на нашата драга нова спортска икона – новата светска рекордерка во скок со стап, која нè почести со извонреден перформанс. Ако веруваме во онаа наша народна поговорка, Ако по утрото – денот се познава, ова ќе биде врвен настан. Секој ден паѓаат нови рекорди, што е уште еден доказ дека условите за спортистите се фантастични и им овозможуваат да ги постигнат своите најдобри резултати. Се надевам дека ќе има уште многу соборени рекорди до крајот на неделата. Ве повикувам сите да бидете дел од оваа приказна, бидејќи овие млади ѕвезди кои ги гледате денес, ќе бидат главни ѕвезди на ЛОИ во Лос Анџелес, на Игрите во Бризбејн и на многу олимпијади на кои ќе раскажуваме дека сме ги гледале во живо, во нивните почетоци, истакна Димевски.
Свој говор имаше и министерот за спорт, Борко Ристовски.
- Во нашата земја се наоѓаат толку млади спортисти од Европа што за мене претставува празник за очите. За нас како Министерство за спорт, ова е еден голем предизвик, треба да се гордееме со тоа, а најважно е тоа што нашите млади спортисти конечно имаат нешто на кое се натпреваруваат пред своја публика. Со ова покажавме како треба, и дека сме подготвени да организираме натпреварување и во други спортови. Сите сме свесни дека треба да ги промовираме вистинските вредности, како во спортот, така и во останатите сфери. Бе разлика дали овие млади луѓе ќе прераснат во врни спортисти или не, сепак, сигурен сум дека ќе прераснат во подобри луѓе кои ќе негуваат спортски вредности, а тоа би значело и подобро општество за нас, додаде Ристовски.
Инаку, во првите неколку дена беа соборени неколку лични и државни рекорди, но особено впечатлив беше светскиот младински рекорд (до 18 години) во скок со стап на Естонката Алика Инкери Мосер. Таа успеа да прескокне 4,52 метри, со што се запиша во историјата на младинската атлетика и за еден сантиметар го надмина претходниот светски рекорд. Инаку, нејзиното достигнување, ако го споредиме со ЛОИ во Париз 2024, ќе беше 12. најдобар скок со стап, што звучи импресивно!
(К.Т.)