Зимските олимписки игри во Милано и Кортина нудат многу интересни приказни секој ден, а има и моменти што спортистите сакаат што побрзо да ги заборават.

Младата 19-годишна полска репрезентативка во скијачки скокови, Пола Белтовска, поминува низ пекол. Никогаш не очекувала дека Зимските олимписки игри ќе ѝ се претворат во кошмар. Имено, по натпреварувањето во мешани скијачки скокови, таа добила разни навреди на социјалните мрежи. Обожавателите веруваат дека таа е најголемиот виновник за 11. место на Полска меѓу 12. репрезентации.

Белтовска имаше скок од 82 метри и доби вкупно 75,5 бода, што е премалку за пласман во втората рунда. Тоа беше 25-30 бода помалку од нејзините колешки и колеги од репрезентацијата и тој скок ја оддалечи Полска од топ-8 и од подобар пласман.

Младата Полјачка немала поим што ја чека, а откако добила бројни навреди, реши да даде изјава за полските медиуми.

  • Свесна сум дека мојот скок нè чинеше место во втората рунда. Се плашев од тој скок. Не сакав да разочарам, но не функционираше. Не очекував луѓето да имаат толку многу омраза кон мене. Многу сум исплашена по сите тие пораки. Врескав од мака, тоа е личен напад и се чувствувам лошо. Не го направив тоа намерно, тоа е составен дел од спортот – рече Белтовска.

Полската федерација за нордиско скијање застана во одбрана на Белтовска.

  • Ние не ја толерираме омразата насочена кон Пола Белтовска и никогаш нема да ја толерираме. Она што го гледаме овде ги надминува сите граници на спортска критика. Тоа е личен напад што предизвикува страдање не само на спортистката туку и на нејзиното семејство – се наведува во соопштението на Федерацијата.

ИЗДВОЕНИ