Колку се платени олимпијците, зависи целосно од земјата за која се натпреваруваат. Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) не доделува парични награди, туку само медали, но многу земји ги наградуваат своите спортисти врз основа на тоа дали ќе освојат злато, сребро или бронза. Меѓутоа, ако американски спортист се натпреварува (и освои медали) на Олимписките игри, владата на САД не им плаќа ништо.
Милијардерот Рос Стивенс реши да го промени тоа. Почнувајќи од претстојните Олимписки игри Милано-Кортина, тој ќе донира 200.000 долари на секој американски олимписки и параолимписки спортист – дури и ако не освојат медал. Според „Волстрит журнал“, „половина од тоа ќе дојде 20 години по нивното прво квалификувачко учество на Олимписките игри или на 45-годишна возраст. Дополнителните 100.000 долари ќе бидат во форма на загарантирана бенефиција „за нивните семејства по нивната смрт“.
Вкупната негова донација за Олимпискиот и за параолимпискиот комитет на Соединетите Американски Држави (USOPC), објавена минатиот март, е 100 милиони долари – рекорден подарок за организацијата.
- Финансиската несигурност не треба да ги спречи елитните спортисти на нашата нација да се искачат на нови нивоа на извонредност, рече Стивенс откако ја објави својата донација.
Ова нема да биде единствениот извор на приход за американските олимписки и параолимписки спортисти. Многумина добиваат пари од спонзорства и од промотивни договори, а националното управно тело на секој спорт финансиски ги поддржува своите спортисти на различни начини. Но, подарокот на Стивенс е насочен кон нивното пензионирање. Наречен „Награди за финансиска безбедност на Стивенс“, подарокот има за цел да им обезбеди финансиска поддршка на оние што ги претставуваат Соединетите Американски Држави на светската сцена.
- Во срцето на секој спортист во тимот на САД е приказната за посветеност, жртва и триумф. Овие извонредни поединци ги посветиле своите животи на спортот, честопати на сметка на традиционалните кариерни патеки и финансиските заштеди. Како што се приближуваат кон крајот на нивните натпреварувачки патувања – честопати на возраст од 25 или 30 години – многумина се соочуваат со застрашувачка реалност: недостаток на финансиски заштеди за да се поддржат себеси и нивните најблиски во нивниот постатлетски живот. Благодарение на извонредната дарежливост и филантропска креативност на Рос, можеме да создадеме повеќе од само финансиска мрежа за безбедност – можеме да изградиме отскочна штица што ќе ги поттикне овие спортисти до уште поголеми височини надвор од нивните олимписки и параолимписки кариери, рече претседателот на USOPC, Џин Сајкс.











