Царинските лидери од Западен Балкан и ЕУ во Тирана ја потврдија посветеноста на подлабока интеграција и непречена трговија. На средбата беше потенцирана заложбата за забрзување на хармонизацијата со Царинскиот законик на Унијата, проширување и институционализација на Зелените и Сините ленти, подобрување на размената на податоци во реално време преку СЕЕД+, продлабочување на меѓуагенциската и деловната соработка и поддршка на чекорите кон признавање на програмите за Овластени економски оператори (ОЕО).
Директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски истакна дека во Македонија е изготвен новиот Царински закон кој е целосно усогласен со Царинскиот закон на Унијата при што се очекува истиот да се усвои годинава.
– Паралелно со силна поддршка на ЕУ, и други меѓународни партнери меѓу кои Република Кореја и Светска банка, Царинската управа, посветено работи на имплементација на проекти во вкупна вредност од 24,4 милиони евра. Целта како што рече е создавање целосно дигитално царинско работење во секој сегмент со цел олеснување на трговијата и намалување на времето на чекање на граничните премини како и поголема сигурност на стоките што влегуваат и излегуваат од државата – истакна Николовски.
Роберто Алесе, генерален директор на Италијанската агенција за царини и монополи, рече дека интеграцијата на балканскиот регион во Европската Унија зависи од фундаментални фактори како што се соработката и меѓусебната доверба.
– Зајакнувањето на нашите врски ќе ја подобри стабилноста и безбедноста, забрзувајќи го процесот на интеграција. Нашите заеднички цели остануваат јасни: да ја олесниме трговијата, да промовираме соработка, истовремено обезбедувајќи стабилност и мир како во овој стратешки регион, така и на Јадранското Море – потенцира Алесе.
Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница истакна дека ефикасните, интероперабилни царински процедури се од суштинско значење за брзо, безбедно и одржливо движење на луѓе и стоки преку границите.
– Тие се исто така важни за напредок во ЕУ интеграцијата на регионот, негово усогласување со стандардите на ЕУ и осигурување дека транспортната поврзаност носи реални придобивки и за граѓаните и за бизнисите. Во Транспортната заедница, со задоволство работиме рака под рака со царинските власти за да ги отстраниме тесните грла и да ги претвориме граничните премини од бариери во мостови за раст и соработка – изјави Закоњшек.