– Книгата е многу нешта: хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник… прегратка меѓу текстуалното и визуелното, меѓу дарбата и знаењето… но, над сè, раскошен каталог на едно широко време и на едно длабоко постоење. Бесценет експонат од изложбата на современата македонска книжевност – посочија промоторите на книгата, Влада Урошевиќ и Оливера Ќорвезироска, на промоцијата на ова дело, за кое самиот автор вели дека е „хибридно прозно патување низ книжевноста, музиката, филмовите и воопшто, уметноста“

 

„Околу три по полноќ“ е насловот на најновата книга на струшкиот писател и сликар Димитрие Дурацовски. Ова дело во издание на „Арс ламина“ е прва објава на Дурацовски по пауза од една деценија, а деновиве беше промовирано во Скопје, пред македонската јавност. Промоторите Влада Урошевиќ и Оливера Ќорвезироска посочуваат дека книгата е многу нешта: „хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник… прегратка меѓу текстуалното и визуелното, меѓу дарбата и знаењето… но, над сè, раскошен каталог на едно широко време и на едно длабоко постоење. Бесценет експонат од изложбата на современата македонска книжевност“.

– „Околу три по полноќ“ е хибридно прозно патување низ книжевноста, музиката, филмовите и воопшто, уметноста – посочи авторот Дурацовски.

Ќорвезироска, пак, истакна дека оваа книга е вистинско уживање за љубителите на писмото на Дурацовски, но и општо, за љубителите на поинаквото, различното, на „пловењето“ настрана од сите струи, правци и витли во книжевниот контекст; книга за губењето и за наоѓањето на времето.

– Таа е надоврзување на четирите претходни книги на авторот (култните збирки „Тајна историја“ од 1986 и „Црни пророци“ од 1996, особено на романите „Инсомнија“ од 2000 и „Бледи сенки, далечни гласови“ од 2014, за кои Дурацовски двапати го доби Рациновото признание) и само го потврдува впечатокот дека овој бележит автор пишува една иста книга сето свое творечко време. Една иста книга што ги содржи напишаните, но, најверојатно, ќе ги собере и неговите сè уште ненапишани книги.

„Околу три по полноќ“ е петта книга на Дурацовски.

Влада Урошевиќ додаде дека „Околу три по полноќ“, како и сите досегашни дела на Дурацовски, им носи обилна доза уживање на љубителите на книжевноста.

– Книгата отвора и големи дилеми за стручните следбеници на книжевната продукција: Каде да се смести жанровски овој текст? Дали станува збор за неажурно воден дневник, за сентиментален албум на спомени, за збирка минијатурни есеи или, можеби, за роман? Но, тоа не го мачи самиот автор: тој не им робува на книжевните правила, туку ги одбира темите што длабоко го засегаат. И ги запишува на начин што му се чини најадекватен, најдиректен и најефикасен. Како резултат, добиваме низа куси текстови, често ограничени на една страница, кои, иако настанати по различни поводи, полека создаваат целина. Таа целина ги обликува хоризонтите кон кои се протегаат љубопитноста и сензибилитетот на овој исклучителен автор. А, тоа што го сочинува неговиот свет – впишан во ноќната мапа на несоницата, во парадигмите, фасцинациите и опсесиите – е, најверојатно, невозможно да се опфати со еден збор – подвлече Урошевиќ.

Тој се осврна и кон потеклото на презимето Дурацо(вски), за кое истражувал и открил дека води од благородничко семејство од Албанија, преселено во Џенова, Италија, и на други места во регионот. Тука направи и врска со галеријата „Рафаел Дурацо“ во Париз, која ја посетил во текот на одбележувањето 100 години надреализам – правец што длабоко го обележува творештвото на Дурацовски.

Инаку, во книгата се вклучени повеќе од 120 фотографии, плакати, корици од книги и обвивки од плочи, како и уметнички слики, сè со цел да се реализира хибридниот текстуален концепт и на визуелно ниво.

Книгата, која е вклучена во едицијата „Македонски книжевни класици“ на „Арс ламина“, е уникатно издание, отпечатено со две различни корици: празничен и делничен примерок. На неодамна доделените награди на Македонската асоцијација на издавачи, на Саемот на книгата 2025, книгата го освои второто место за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни. Во дизајнот на кориците, чиј автор е Марко Трпески, е искористена слика од самиот Дурацовски, врз која е интервенирано со негова фотографија. Колажната постапка на Трпески создава несекојдневен визуелен ефект, при што авторот на книгата и на сликата се појавува како реален лик: еднаш во костум (празничен примерок), другпат во обична кошула (делничен примерок).

Димитрие Дурацовски (1952) е писател и сликар, кој работел како ликовен соработник во Народниот музеј во Струга. Ѝ припаѓа на т.н. петта генерација, односно петтиот круг автори што се појавија на македонската книжевна сцена во 1980-тите години. Тој е и предвесник на современиот концептуален ликовен израз во Македонија, а целиот негов опус е обележан со постмодернистичка естетика. Во 2023 година, во Националната галерија „Чифте-амам“ беше отворена неговата ретроспективна изложба „Ветар параклет“, прва по речиси 40 години неизложување.

ИЗДВОЕНИ