Скопската депонија „Дрисла“, која гореше една недела во септември, ќе се заградува со заштитна ограда висока 1,5 метар и ќе опфати периметар од 4.800 метри. Ова беше барање на жителите на селото Батинци со цел во депонијата да не влегуваат кучиња кои потоа го разнесуваат сметот насекаде.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, при посетата на ЈП „Дрисла“ истакна дека за оваа намена се обезбедени 9 милиони денари од надлежното министерство. Тој нагласи дека оградата со двојна бодликава жица ќе ја држат 1.500 метални столбови поставени на бетонски темели со што ќе се оневозможи неовластен влез и ќе се намали загадувањето.
Меџити, денеска, при посетата на депонијата заедно со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека уште од првиот ден од преземањето на функцијата министер за животна средина се соочил со еден од најголемите предизвици на главниот град, лошото и неорганизирано управување со депонијата „Дрисла“, но нагласи дека со овој проект започнува нова фаза на нејзино уредување и контрола.
– Оваа депонија со години претставува извор на загадување и здравствени проблеми за граѓаните и била предмет на бројни реакции од жителите на околните населби, особено од Батинце. По неколкуте средби што ги имав со нив, ветив дека ќе преземеме конкретни мерки, и денес работите веќе почнаа – рече Меџити.
Министерот нагласи дека со овој проект се зајакнува физичката заштита на просторот и се преземаат одржливи мерки за заштита на јавното здравје и на животната средина.
– Депонијата „Дрисла“ има стратешко значење за целиот регион на Скопје. Во соработка со Град Скопје и со надлежните институции, ќе продолжиме да инвестираме во нејзина модернизација и трансформација во современ центар за рециклирање на отпадот – нагласи Меџити.
Инаку, депонијата „Дрисла“ гореше на 9 септември годинава, а загадувањето на воздухот предизвикан од запалениот отпад предизвика бурни реакции од граѓаните кои беа загрижени за сопственото здравје и бараа преземање на трајни мерки тоа да не се повтори. Според експертите, пак, пожарот на една депонија се должи на нестручното и несоодветно менаџирање со неа. Тие нагласија дека доколку има соодветен дренажен систем за гасовите и за отпадните води и паралелно со тоа се набива редовно и се покрива со земја и со глинест материјал, тогаш практично е невозможно самозапалување на депонијата, затоа што е кислородот е истиснат од неа.
(А.П.)