Повеќе од 1.000 вработени во кафулињата „Старбакс“ низ Соединетите Американски Држави стапија во штрајк поради промената на кодексот за облекување на работа, соопшти денеска синдикатот „Старбакс воркерс јунајтед“.
Компанијата „Старбакс“ воведе нови правила за тоа што можат вработените да носат под нивните престилки на работа почнувајќи од понеделникот, што вклучува еднобојна црна кошула и каки, црни, или сини тексас панталони.
Според претходниот кодекс на облекување, келнерите можеа да носат поширок спектар темни бои на кошули со шари, пренесувс „АП“.
„Старбакс“ соопшти дека новите правила ќе придонесат нивните зелени престилки да дојдат до израз и да создадат чувство на препознатливост кај муштериите, но синдикатот тврди дека кодексот на облекување би требало да биде предмет на колективни преговори.
„Старбакс“ соопшти дека штрајкот има ограничено влијание на неговите 10.000 продавници во САД што ги управува.