Кошаркарите на Оклахома се наоѓаат во одлична форма, а тоа најдобро го покажува досегашниот скор (21 победа:1 пораз), па многумина се прашуваат дали ќе успеат да го соборат рекордот по бројот на победи во регуларниот дел од сезоната, кој е во сопственост на Голден стејт (73:9).

  • Ова е шансата на Оклахома сити да си игра со историјата. Со ова темпо, Оклахома сити би го презела рекордот за победи во една сезона во НБА, и би го направила тоа убедливо. Секако, клучните зборови се „со ова темпо“, бидејќи сегашното темпо на Оклахома изгледа неодржливо во следните четири месеци или слично – се вели на веб-страницата на НБА-лигата.

Инаку, Оклахома славеше со 124:112 против Голден стејт, тимот што го држи рекордот што, за многумина, нема да биде соборен. „Воините“ забележаа 73 победи и само девет порази во сезоната 2015/2016.

  • Им кажав на играчите дека никогаш во милион години не помислив дека ќе биде срушен тој рекорд – истакна пред една деценија тренерот на Голден стејт, Стив Кер.

На Тандер му требаат уште 52:8 за да го израмни рекордот, а 53:7 за да го собори. Набројувајќи ги адутите за историски добрата сезона на Оклахома сити, актуелните шампиони на НБА, авторот на текстот истакнува многу од нејзините силни страни.

  • Лидерот на тимот и МВП на лигата, Шај Гилџус-Александар, изгледа одлично (32,5 поени во просек) и има повеќе време за одмор бидејќи игра помалку. Важниот играч, Џејлен Вилијамс, штотуку се врати од повреда, и тоа отвора можност за дополнителен раст. Тандемот Чет Холмгрен (18,2 поени, 8,0 скока) – Исаија Хартенштајн (12,2 поени, 10,7 скока) одлично ја врши работата под кошот. Исто така, тимот што игра добра одбрана има ширина на клупата, неопходна за најголеми достигнувања – наведуваат американските медиуми.

Инаку, „воините“ ја отворија рекордната сезона од 24:0 и имаа 36:2. Никогаш не загубиле два натпревари по ред. Кога стана реално дека може да го соборат рекордот, немаше калкулации. Тие го сфаќаа секој натпревар сериозно и имаа 73:9. Она што не успеаја да го направат беше да ја освојат титулата. Леброн Џејмс и Кливленд кавалирс го добија финалето, иако губеа со 1:3.

 

ИЗДВОЕНИ