Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата по енормното загадување на водата за пиење и за основни животни потреби.
„Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење. При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје. Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки.” велат од ОЈО.
Првичните сознанија од терен се дека таму се вршени ископи но за што точно станува збор ќе покаже истрагата на надлежните органи вели директорот на струшки водовод кој од морални причини си поднесе оставка.Ќе остане на функцијата додека градоначалникот не назначи нов раководител.
Во меѓувреме од Министерството за животна средина велат дека на терен се службите кои истражуваат како и зошто се вршени ископите и дали станува збор за легален или нелегален каменолом.
Загаденоста на водата во понеделникот беше околу 30 пати повеќе од дозволеното или 28,56 единици, во средата 10,17 и денеска 7, 33 од дозволени 1,5 единици.
Од Центарот за Јавно Здравје – Охрид велат дека матноста се намалува, но ќе биде потребна уште најмалку една недела за целосно да се стабилизира состојбата.












