За само неколку дена, поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, повторно беше донесен од истражниот затвор „Шутка“ на судење во Основниот кривичен суд, овој пат за буџетските злоупотреби на Клиниката. Обвинителството докажува дека Васев, заедно со својот поранешен колега по функција, Нехад Нухи, не постапувал во интерес на јавната установа и на пациентите, туку за свој личен интерес и во интерес на приватни компании.
– И со своите дејства ги злоупотребиле и поткопале довербата во здравствениот систем и јавниот интерес – изјави обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска во воведниот говор за случајот што е познат во јавноста како „Онкологија 2“.
Обвинителката нагласи пред Судот дека обвинетите не ги прикажувале реалните медицински потреби и не ја следеле процедурата за јавни набавки, под изговор дека постапувале во интерес на пациентите и така правеле кривични дела.
– Обвинителството ќе докаже дека со незаконски јавни набавки на лекови, без согласност на ФЗО и со злоупотреба на службената положба, обвинетите предизвикале штета на буџетот од над 2,2 милијарди денари. Со злоупотреба на системот на реверси, без правна основа, довеле во заблуда државни институции и овозможиле противправна корист за повеќе фармацевтски компании. На тој начин, ФЗО бил доведен во заблуда дека се работи за законски обврски – изјави Гоговска-Јакимовска, која најави дека ќе докажува со финансиски извештаи, документи од јавни набавки, сведоци.
Првообвинетиот, Никола Васев, рече пред Судот дека не се чувствува виновен, оти цел живот, 35 години работа на Онкологија, целта секогаш му била да се спасат човечки животи.
– Јас сум директор од 2017 година и имам наследено реверс од директор што јас го имам сменето и е потписник на вештачењето против мене во овој случај, а второто економско вештачење е потпишано од втората економска директорка, која е разрешена на мое барање, поради финансиски злоупотреби. Во обвинението, одземени се шест месеци од мојот мандат, каде што може да се види што точно сум наследил и како е намален долгот од 35 милиони на 30 илјади. Сакам да се види како успеавме да ги решиме наследените долгови и недостигот на лекови со земање наводни реверси, за да ни се земе тоа како наводно да сме направиле штета – изјави Васев.
По ова, Судот информираше дека адвокатите на обвинетите поднеле писмено барање за изземање вешто лице на Обвинителството.
Обвинетиот Нехат Нухи рече пред Судот дека се чувствува невин и дека ќе го докаже тоа во постапката, преку вештачење на одбраната.
– Се чувствувам невин, и ќе го докажам тоа. Мојата невиност ќе произлезе како од материјалните така и вербалните докази што ги предлагаме и изведуваме, пред сè економското материјално вештачење, од кое на сите ќе им стане јасно колку пропусти има направено Обвинителството, зошто ги пробија сите рокови и дека нивните вештачења се неточни – изјави Нухи.
Обвинението против Нино Васев и Нехад Нухи се однесува на злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Неодамна, од ОЈО Скопје рекоа дека се истражува уште еден ревизорски извештај во времето на Васев. Според ова обвинение, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра. На Васев паралелно му се суди и за несовесно лекување пациенти на Клиниката. Пред неколку дена, најблиските на починати пациенти од карцином посведочија за искуството со онкологот и за тешката состојба во која паднале оштетените по секое примање имунотерапија. (П. А.)