ОЈО Скопје поведе постапка за криумчарење луксузни автомобил во државава

28

Три лица се под истрагата поради сомнение дека се дел од разоткриена шема за криумчарење луксузни автомобили од Бугарија, меѓу кои Тојота ЦХР вредна 22.500 евра, Лексус НХ300Х, вреден 15.000 евра и Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок, вреден 17.340 евра, соопшти Основното јавно обвинителство -Скопје.

За тројцата осомничени обвинител до судот предложил мерка притвор. Едниот од осомничените е надвор од државата, со што е предложено притворот да започне откако лицето ќе биде лишено од слобода.

„Дел од учесниците во оваа шема се претходно обвинети, против дел се веќе изречени пресуди, а за дел кривичниот прогон е препуштен на Република Бугарија, бидејќи станува збор за тамошни државјани“.

ОЈО информира дека со вчерашната акција реализирана под координација на јавен обвинител, биле обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека првиот новоосомничен, во март 2022 година, преку граничниот премин Деве Баир, поттикнал и организирал криумчарење на автомобил Тојота ЦХР, вреден 22.500 евра, кој бил предмет на меѓународна потрага.

„Притоа искористил лажни таблички и лажни исправи кои му биле изготвени од лице кое сега е веќе осудено, па го регистрирал и извадил сообраќајна дозвола за возилото“, се вели во соопштението.

Втората осомничена, се вели понатаму во текстот, во август 2021 година поттикнала двајца бугарски државјани да извршат криумчарење на Лексус НХ300Х, вреден 15.000 евра кој исто така бил предмет на меѓународна потрага.

„Автомобилот го презела осомничената со фиктивен договор за купопродажба, а потоа со лажни бугарски таблички и лажни исправи извадил сообраќајна дозвола во земјава“.

Третиот осомничен, соопшти ОЈО, е управител на правно лице, кој за потребите на фирмата, на сличен начин, избегнувајќи ја царинската контрола, во државава од Бугарија внел автомобил Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок, вреден 17.340 евра, со преправен број на шасија, а потоа со целосно лажни документи извадил сообраќајна дозвола за возилото.

„Под сомненија за кривично дело – Фалсификување службена исправа постапка е поведена и против две службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи“, вели ОЈО.

За случајот се огласи и Министерството за внатрешни работи, потврдувајќи дека МВР до ОЈО поднело кривични пријави против лицата Д.К., Г.С. и С.С. за кривични дела – Криумчарење и Фалсификување исправи.

Исто така, кривични пријави заработиле и двајца службеници кои биле вработени во МВР во времето кога биле криумчарени возилата.

„Под сомненија за кривично дело – Фалсификување службена исправа пријава е поднесена и против А.К и А.Ш. службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи“.

ИЗДВОЕНИ