Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишник од Гевгелија осомничен за -Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, при сообраќајна несреќа во Марино, соопшти вечерва Јавното обвинителство.
Осомничениот, околу еден часот по полноќ денеска, во селото Марино, управувал автомобил „Хјундаи тусон“ спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, така што со возилото најпрво преминал на левата страна од коловозот, а веднаш потоа свртел во десно, без претходно да се увери дека тоа може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот. Како резултат на тоа, при наглото свртување, во десниот страничен дел од возилото со кое управувал удрил мопед „Јијинг“ без истакнати регистарски ознаки, управуван од 16-годишен малолетник. Од ударот, возачот на мопедот и неговата 13-годишна сопатничка, кои во моментот на несреќата не носеле заштитни кациги, се здобиле со тешки телесни повреди. Со полесни телесни повреди се здобил сопатникот во автомобилот “Хјундаи тусон”, стои во соопштението.